Вечерва, со „Така зборуваше Заратустра“, Филхармонијата ја отвора
концертната сезона 2019/2020
Едно од најпознатите дела на Рихард Штраус (1864-1949), „Така зборуваше Заратустра“, е симфониска поема инспирирана од истоимената новела, филозофската фикција на Фридрих Ниче (1844-1900). „Убеден сум дека никој не е во состојба да ја чуе целата нејзина музика“, напишал во една пригода Ниче за своето дело. Но ако низ зборовите не прозвучела музика, низ нотниот текст на Штраус таа громогласно одекнала. Создадена и праизведена во 1896-та, десетина години по Ниче, во „Заратустра“ на Штраус во полн сјај дошло до израз мајсторството на композиторот. Штраус бил исклучително вешт оркестратор, врвен мајстор на симфонизмот. Зборовите на Ниче ги дозбогатил со густата и не многу вообичаена оркестрација – три флејти и пиколо, три обои и англиски рог, три кларинета и бас-кларинет, дури шест хорни и четири труби, три тромбона и две туби, две харфи, органа, многу удиралки и голем гудачки корпус… звук моќен до болка. Како што обично бива, композиторите што отстапувале од вообичаениот начин на компонирање биле дочекувани на нож од критичарите, на истата немилост бил изложен и Штраус со „Заратустра“. Го обвинувале дека се обидел со музика да ги интерпретира филозофските теории на Ниче. Во своја одбрана (а зарем едно ремек-дело заслужува напад и одбрана?), Штраус појаснил дека намерата не му била да создаде филозофска музика, ниту низ музика да ги преобликува или прераскаже мислите на Ниче. Едноставно, сакал со звук да создаде слика за развојот на човековото битие, од самите негови корени. Една толку мајсторски компонирана и оркестрирана музика не можела да остане заборавена, не можело да не ја возбудува публиката при секое слушање. Штраус со „Така зборуваше Заратустра“ оставил траен белег во историјата. Во поново време, фанфарниот вовед секогаш и кај секого најпрвин буди асоцијација на култниот филм „Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик од 1968 година. Но „Заратустра“ на Штраус е многу повеќе од помрачувањето на сонцето со кое Кјубрик го започнува филмот. Ова дело е водилка низ еволуцијата на човештвото и на музиката.
Лада Шоптрајанова Петровска