Љиљана Богојевиќ, хрватска актерка
Овде пострасно се глуми, можеби поради јужниот темперамент, и тоа многу ми помогна во кариерата во Хрватска. Во Македонија има поголема храброст да се зборува за актуелните состојби, додека во Хрватска сме позатворени. Некои претстави што ги видов на фестивалот зборуваа доста ангажирано, вели Богојевиќ
Актерката Љиљана Богојевиќ, која пред 30 година беше дел од македонскиот театар, а сега е член на Националниот театар во Вараждин Хрватска, неодамна беше дел од жирито на МТФ „Војдан Чернодрински“. Во разговорот со неа зборува за нејзиното гледање на македонскиот театар, споредбата со хрватскиот, за тоа што значи да си актер и за нејзиниот ангажман во матичната куќа во Вараждин.
Гледавте повеќе македонски претстави на фестивалот. Каков е вашиот впечаток за македонскиот театар?
– Претходно неколкупати сум доаѓала во Македонија и секогаш гледав по нешто. Од она што го видов, мислам дека македонскиот театар е добар, ангажиран, имате одлични глумци, со многу енергија. Видов дека тука уште се работи со љубов, со ентузијазам, бидејќи тоа на другите сцени некако изумира, оти сметаме дека нашите пари и тоа што сме платени не е доволно. Тоа се одразува во тоа што го велиме страст за театарот. А страста за театарот сѐ уште ја гледам во Македонија.
Можете да направите споредба меѓу македонскиот и хрватскиот театар?
– Уште кога дојдов тука пред 30 години Гавелината школа беше присутна, односно акцентот беше врз сценскиот говор, што многу ми помогна додека живеев и работев тука. Овде пострасно се глуми, можеби поради јужниот темперамент, и тоа многу ми помогна во кариерата во Хрватска. Во Македонија има поголема храброст да се зборува за актуелните состојби, додека во Хрватска сме позатворени. Некои претстави што ги видов на фестивалот зборуваа доста ангажирано. Во Хрватска во театарот нема метафизика, она што е вредно. На сцената преовладува телесност, а тоа не ми се допаѓа.
Имате ли увид во македонската литература, особено театарска?
– На овој фестивал немаше македонска драмска литература. Само „Пиреј“, кој сум го читала неколкупати. За жал, немам увид воопшто во македонската литература, ама сега направив контакти и ќе почнам да читам.
Што работевте во последниот период?
– Театарот во Вараждин има национален статус. Паралелно живеам во Вараждин и во Загреб, каде што снимам. Последно играв во претставата „Малограѓани“. Ја играм главната женска улога Аркулина Ивановна. Ја направивме помодерно, тоа е тренд, што мене многу ми пречи заради младите, бидејќи сметам дека треба да видат што значи класика. Не мора да се бега во секоја претстава од класиката. Но, сепак, излезе мошне добра. Хелена Петковиќ е млада режисерка и уживав во улогата.
Што значи да се биде актер?
– Професијата актер е благородна. Жал ми е кога се случуваат работи што оневозможуваат да бидеме креативни, како што се меѓучовечки односи, диктати од политика, од власт, директори, финансии. Да ти влијаат врз креативноста. Тоа ми пречи во работата. Сакам да сум сосема слободен човек, да креирам слободно. Кога сум заробена од лоши луѓе или ситуации, излегувам на сцена и чувствувам апсолутна слобода.