Пред 150 години светот остана посиромашен за еден великан на музиката, за (покрај Верди) најголемиот италијански оперски композитор – Џоакино Росини (29.2.1792 – 13.11.1868). Татко му бил хорнист, мајка му пејачка и тој многу рано ја примил музиката како своја втора природа. Уште како дете настапувал (и заработувал) како чембалист, свирач на различни инструменти и како пејач во црквите. Неговиот талент за музика растел и се облагородувал со текот на годините, зашто Росини бил секогаш желен за нови знаења и секогаш се стремел од своите професори да научи нешто повеќе. Во времето на студиите длабоко навлегол во истражувањето на операта и таа останала негова преокупација до крајот на животот.
Во ранoтото творештво се чувствува влијанието на неговиот идол, Моцарт, но во подоцнежните дела развил свој стил. Со својот слободен приод кон операта внел нов музички израз, го вовел реализмот на сцената, вовел драматичност и психолошка карактеризација на ликовите во оперите, притоа не напуштајќи ја основата на италијанската оперска традиција – белкантото. На оркестарот му дал поголема и позначајна улога – во неговите опери тој не е само придружба на пејачите, туку рамноправен, а понекогаш и единствен носител на драмското дејство.
На Росини му пречела воспоставената практика пејачите сами да го осмислуваат текот на долгите фрази (импровизирале по сопствената замисла), па првпат во историјата решил да ги испише сите мелодиски украси, а ги „довел во ред“ и речитативите – дотогаш соло-делници на пејачите, тој ги облагородил со оркестарска линија (речитативо акомпањато, наместо речитативо секо). Иако и претходно веќе многу славен и почитуван, меѓу великаните се извишил со операта „Севилскиот берберин“, со која отворил нова епоха и ѝ дал нова, трајна вредност на италијанската комична опера.
Би ми требале неколку приказни за да ги набројам сите негови опери и да ја опишам големината на неговото музичко творештво. Но тоа и онака е општо познато. Она што е помалку познато за Росини е дека тој бил голем хедонист и голем кулинар. И бил многу, многу суеверен. Никогаш не стапнувал прво на левата нога, никогаш не преминувал улица ако пред него претрчала црна мачка… а починал на петок, тринаесетти…
Лада Шоптрајанова Петровска