„Студ“ е насловот на новиот роман на македонскиот писател Разме Кумбароски, кој ќе биде промовиран на претстојната манифестација „Година на есејот“ во Струга (3-5 јуни), во организација на Медитеранската академија. Ова е петти роман на современиот романсиер, поет, есеист и антологичар, по објавувањето на романите: „Мириси галии“, „Чудесија“, „Остров на тивките меандри“ и „Архипелаг“.
– „Студ“ е лесен постмодерен краток роман пишуван по форматот на нобеловецот Албер Ками, „Странецот“, или по Ернест Хемингвеј, „Старецот и морето“, чиј роман започнува со загубата на мајката, чувството на немир и празната самотија. Разме Кумбароски е автор на повеќе текстови и научни трудови за македонскиот гениј, лингвист и поет Блаже Конески, кому му беше студент и од кого, секако, црпеше инспирација за светската литература и тоа што е денес… Во „Студ“ карактеристична е мислата на книжевноста во новиот модерен европски роман, како раскажување, болка, тага и човечка судбина – пишува Хелена Саблиќ-Томиќ за новиот роман на авторот.
Кумбароски (1944 г. Струга) завршил Филолошки факултет во Скопје. Во 1980 година магистрирал на Факултетот за политички науки во Загреб. Заедно со Д. Дурацовска е основач на мултимедијалното списание за литература и уметност „Форма“. Работи како секретар на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.
Член е на ДПМ од 1987 година. Пишува поезија, романи и есеи. Автор е на над 15 книги: „Вроден премин“, „Мусандра“, „Манастир“, „Троја“, „Мириси, кораби, злато“, „Чудесија“, „Потковица и зла месечина“, „По патот“, „Песни за Кипар“, избор-панорама „Поетите од Струга“…