Слободниот четврток како мерка беше воведен во 2014 година за да им се овозможи на студентите во државата, секој четврток, бесплатно да гледаат театарски претстави во Драмскиот театар, Македонскиот народен театар и „Театар комедија“. Тие можат да ги подигнат билетите со приложување индекс и печат за заверен семестар на билетарниците на театрите.
Среда, пак, е ден резервиран за средношколците, додека, пак, категоријата лица до 27 години, за која важеше попустот од 50 отсто, беше проширена за лица до 29 години.
Сепак, во 2017 година, „Театар комедија“ реши да ги укине слободниот четврток и слободната среда и наместо тоа да воведе 50 отсто попуст (150 денари) за студенти што ќе приложат индекс и тоа важи за сите претстави. Нивното објаснување гласеше: „Така ќе ги научиме учениците да ја ценат уметноста!“, а со тоа и беше ветено дека од секоја последна претстава од репертоарот на театарот, ќе бидат донирани средства за општествено добро, за некое средно училиште, за студентски дом или, во најлош случај, за болест.
Денес, иако слободниот четврток начелно, сѐ уште важи за Македонскиот народен театар и за Драмскиот театар, студентите прават значителна разлика помеѓу начинот на кој се спроведува ова во овие две установи.
Додека еден дел од студентите никогаш немал никаков проблем со наоѓање карти, друг голем дел се жали дека речиси никогаш нема среќа.
– Ова се случува со МНТ најчесто. Не може да се резервираат карти претходно, може да се купат само на денот на претставата, и тоа само час порано. Многу често се случувало да излезам од дома, да се возам со автобус цел час, да дојдам до театар и да нема карти воопшто. Исто така, сме забележале дека МНТ на репертоар во четвртоците поставува претежно претстави на мала сцена, што значи дека ние студентите не добиваме шанса бесплатно да погледнеме некои од големите претстави! – вели студентот А.Р.
Се чини дека студентите се сепак најзадоволни од Драмскиот театар затоа што досега, како што велат, секогаш имало доволно билети, тие можеле да се купат и неколку дена порано и така студентите можеле да ги погледнат сите претстави. Тоа, велат, ги мотивира сѐ повеќе да го посетуваат театарот и да ја засакаат и да ја ценат театарската уметност.