„Звукот на идната генерација“ е насловен концертот со студентите од државните факултети за музичка уметност, кој ќе се одржи вечерва, во 20 часот. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Моцарт, Ботезини, Моцарт, Шосон, Сен-Санс, Розауро и Равел.
Како солисти ќе настапат Ана Спасовска (диригентка, трета година ФМУ – Скопје, класа: Борјан Цанев), Кристијан Кожумановски (контрабас, четврта година ФМУ – Скопје, класа: Александар Поп Христов), Пандорка Јанакиева (флејта, четврта година ФМУ – Скопје, класа: Страшо Темков), Дарко Гроздановски (виолина, трета година ФМУ – Скопје, класа: Олег Кондратенко), Анастасија Гичевска (пијано, трета година ФМУ – Скопје, класа: Марија Ѓошевска), Зорица Здравковиќ (вибрафон, четврта година ФМУ – Скопје, класа: Мојца Седеу) и Памела Велкова (виолина, трета година ФМУ- Скопје, класа: Олег Кондратенко).
Добитникот на македонското признание „најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во земјава и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис.
Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за „Фејмс“ – Македонија. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводеше Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во музичкиот центар „Кауфман“.