Транспарентноста на Министерството за култура и вклучување на сите фактори што ја создаваат културата ќе биде приоритет на новата министерка за култура Ирена Стефоска, која денеска ја презеде функцијата од Хусни Исмаили.
– Ги повикувам сите, граѓаните, културните работници и сите оние кои сметаат дека можат да придонесат за натамошно создавање на нашата култура да се вклучат со свои идеи. Еден од моите пориоритети ќе биде кревање на нивото на транспарентност на ова министерство кое не е баш на највисоката скала. Дозволете ми да се запознаам со состојбите и со вработените и ветувам дека мојот тим и сите заедно редовно ќе ја известуваме јавноста за новите чекори – рече Стефоска на денешното преземање на оваа функција.
Своето обраќање до медиумите таа го заврши со цитатот „ако сакаме да ја сочуваме културата тогаш треба да продолжиме да ја создаваме“.
Во биографијата на Стефоска стои дека е родена на 16.9.1967 година во Скопје. Таа е доктор по историски науки. На оваа функција доаѓа по раководење со собраниската Комисија за култура. Инаку, член е на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, потоа претседател на пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Грција и друго.
Во претходниот мандат на Владата на Зоран Заев беа назначени тројца министри за култура, Роберт Алаѓозоски, Асаф Адеми и Хусни Исмаили.