„Стаклено ѕвоно“ од Силвија Плат

КНИГА ПРЕПОРАКА

Секој четврток објавуваме нов наслов по препорака од Надежда Чачиновиќ и нејзиниот „Водич низ светската книжевност за интелигентна жена. Корисен и за интелигентни мажи“, напишан со намера да го разбуди читателското љубопитство и да овозможи нов и свеж пристап кон класичните и современите врвни дела од светската книжевност. Опфатени се триесетина автори (од Џејн Остин, Шарлота Бронте, Олдос Хасли, Гистав Флобер, Толстој, Стендал, до Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Џејмс Џојс), кои на различен начин ги обработувале проблемите на родот и женската еманципација, машко-женските односи и стереотипи

Романот „Стаклено ѕвоно“ е напишан од Силвија Плат, која, без никаков сомнеж, е еден од култните ликови на 20 век. Стана мит не само поради своето пишување туку и поради краткиот живот (1932-1963) и огорчената борба околу нејзиниот лик и дело до која дојде по нејзиното самоубиство. Со нејзината оставина управуваа англискиот поет Тед Хјуз, татко на нејзините две деца, и неговата сестра Олвин. Бракот на Силвија Плат и Хјуз заврши со многу горчина, па Хјуз, по сопствена изјава, уништил сè од нејзината оставина што би можело да ги оптоварува нивните деца. Со тоа за мнозина тој стана отелотворение на машкото самоволие, особено затоа што Силвија во бракот со него својата кариера наводно ја подредила на неговата. Нејзината мајка, пак, во објавените писма што ѝ ги упатувала Силвија, наводно исто така го разубавила својот лик.

Силвија Плат била талентирана и амбициозна. Тоа во 20 век веќе не водело нужно во трагедија. Она што води во несреќа, а „Стаклено ѕвоно“ е единствениот роман на оваа поетеса, кој е всушност приказна за тоа, е желбата за спојување на успехот во работата и на сè она што традиционално се подразбирало под исполнетост на женскиот живот. А покрај тоа, успехот што го сакала Силвија Плат, не бил успех само во тесен круг на некоја елитна дејност. Таа сакала да биде и убава, и паметна, и љубена, и славна. Сосема оправдано, но со апсолутните каприци стануваме апсолутно зависни од туѓото мислење. Семејните и општествените околности ја направиле Силвија дополнително чувствителна на погледот од другите. Трагедијата се случува поради тоа што, колку и да ги посакувала успехот и одобрувањето, таа не можела вистински да се приспособи, останувајќи жртва на постојана, повремено патолошка несигурност.

„Стаклено ѕвоно“ започнува со пристигнувањето на хероината во Њујорк. Таа е една од среќниците на кои едномесечниот престој во тој град им го овозможила наградата на едно угледно женско списание. Естер се радува на успехот, ѝ се восхитува на главната уредничка, ама самата не знае што да прави. Исклучителни се описите на речиси експерименталниот однос спрема мажите: во даден час не мора да биде важно какви се тие и дали ни се допаѓаат, туку само љубопитноста што може да се случи и како ќе ни биде, што ќе дознаеме за себе. Враќајќи се дома во доста немирна состојба, Естер дознава дека не го добила престижното место на летниот курс за пишување на универзитетот, а секогаш имала совршени резултати. Летното слободно време се претвора во кошмар, а првите контакти со психијатар само ја забрзуваат кризата и доведуваат до обид за самоубиство. Спасувајќи се навреме, а по престојот во друга психијатриска клиника, таа е подготвена за животот. Тоа е навидум оптимистички крај на романот. Роман што се чита многу полесно отколку што произлегува од еден ваков тажен приказ на содржината.

(Превод од хрватски јазик: Весна Ацевска)