На големата сцена на Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот, вечерва, ќе биде одиграна претставата на Српското народно позориште од Нови Сад, „Духот што оди (Патот на Прометеј)“, по текст на Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски. Нејзината премиера во Нови Сад е одржана на 15 септември 2015 година, на сцената „Пера Добриновиќ“.
– „Духот што оди“ е копродукција на Српското народно позориште и Центарот за развој на визуелна култура, а во неа текстот на Дејан Дуковски ја носи приказната за личната епопеја на главниот лик Мара, финансиски скршен шекспиролог во долгови до гуша, кој тргнува во ирационален поход против корумпираното општество. Режисерот Поповски на сцената на Српското народно позориште создава утописка мелодрама за можниот Хамлет, кој, наместо да размислува, дејствува – посочуваат од МНТ.
Во оваа претстава играат актерите: Ненад Пеќинар, Душан Јакишиќ, Милорад Капор, Игор Павловиќ, Страхиња Бојовиќ, Радоје Чупиќ, Јована Стипиќ, Гордана Ѓурѓевиќ Димиќ, Алиса Лацко и Даница Грубачки. Сценографијата е дело на Таџисер Севинџ и Саша Сенковиќ, костимограф е Марина Сремац, на сценските движења работеше Иста Степанов, додека асистент на режисерот е Момчило Миљковиќ. Декорот, костимите и преостанатата сценска опрема се изработени исто така во работилницата во Српското народно позориште.