Синиша Новески, скулптор
Синиша Новески, кој е роден во Македонски Брод, смета дека ова мало гратче му дало вулканска творечка енергија да чекори по скалите на творештвото
за достоинствено сега и во Белград да се претставува како македонски скулптор
Синиша Новески е скулптор од младата генерација македонски ликовни творци, кој по дипломирањето во класата на проф. Васил Василев и магистрирањето во класата на проф. Жарко Башески на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, приватно и професионално се реализира во Белград. За време на студиите и по дипломирањето соработувал и учел од македонските скулптори: Томе Серафимовски, Драган Поповски-Дада, Рубенс Корубин и Никола Смилков. Македонската публика најмногу го препознава преку скулптурата „Жена со гитара“, која се наоѓа на кејот на Вардар, а негови скулптури се поставени во јавен простор, освен во Македонија и во Србија, Бугарија и САД. Врзан за природните и класичните материјали од една страна, а доволно храбар да се впушти во авантура со новите форми и техники, Новески втиснува сопствен белег во творештвото, барајќи го начинот создаденото да биде видено и почувствувано. Со него разговаравме таму каде што нему му е најудобно и каде што тој најмногу си припаѓа себеси, во неговото ателје во Белград.
Што vе мотивира, инспирира и преокупира периодов во доменот на вајарството?
– По неколкуте фази и периоди на моето творештво во скулптурата, сега сум на еден нов креативен крстопат. Почнав да правам скици за нови скулптури во стилот на ленд арт (Land art), кои би биле изведени во отворен природен простор и направени од природен материјали, како што се дрвото, гранките, каменот и земјата, а мотивот е глобалното затоплување во светот.
Вајарството како визуелна уметност дава широки можности во однос на медиумот во кој ќе се работи одредено дело. Како одлучувате која ваша замисла и во кој медиум ќе биде материјализирана?
– Јас како скулптор избирам траен материјал, зашто скулптурите изработени од таков издржлив материјал траат долго и на тој начин му се спротивставуваат на најголемиот непријател на човекот – времето, така создаденото станува бесмртно. Најчесто работам во класични материјали: бронза, мермер, камен, оникс, метал, дрво, а во последно време експериментирам со полимермер.
Се вели дека секој уметник со своето дело сака да укаже на нешто, да поттикне, да истакне или да упати некаква порака. Каква порака сакате да упатите и да пренесете со вашите дела?
– За мене е важно секоја скулптура да има своја симболика и порака, дали е тоа фигуративна или апстрактна. Речиси во секоја моја скулптура директно или индиректно сакам да зборувам за Македонија, за љубовта, за фамилијата,за традицијата, мистиката и религијата. А како симбол на израз е човечката фигура, нејзините емоции, чувства претставени експресивно преку фигура или апстракција.
Роден сте во Македонски Брод, сте дипломирале во Скопје, а сега живеете и творите во Белград. Колку „белиот град“ ви овозможува развој и напредок?
– Да, роден сум во тоа мало ама прекрасно гратче Македонски Брод, кое ми даде вулканска творечка енергија да можам да чекорам угоре по скалите на творештвото, најпрвин во Скопје, каде што дипломирав и магистрирав скулптура,за да можам достоинствено сега во Белград да се презентирам како македонски автор и скулптор. Културната сцена во Белград е голема, ама секогаш со добри резултати и со многу работа и ентузијазам се пробивам полека ама сигурно.
Досега остваривте над 16 самостојни изложби во Белград, Нови Сад, Ниш и во Вршац, а често учествувате и на групни изложби организирани од Друштвото на ликовни уметници Македонци од Србија. Дали планирате наскоро да се претставите и во Македонија?
– Сега имам свое ателје во центарот на Белград, каде што подготвувам нови изложби и проекти, а исто така сум уметнички директор на Деновите на македонската култура во Белград. Помагам и организирам повеќе културни настани на македонски уметници од областа на ликовната уметност, музиката и театарот. Секако, би сакал и планирам моите дела да ги претставам најпрвин во Македонски Брод, а и во Скопје и во другите македонски градови.