Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ заедно со групата Scuola di poesia – делегација Македонија, дел од Светската унија на поети (WUP) ја пушти во дигиталниот простор осмата електронска стихозборка „Отковидување“, зборник поезија кој ја обработува темата ковид-19 и сѐ она што не окупираше глобално оваа година, а е поврзано со коронавирусот.
На околу 200 страници, „Отковидување“ претставува збир од автори кои беа дел од иницијативата #СоПоезијаПротивКорона и на овој начин го пополнуваа недостатокот од емпатија кој е секогаш носечки проблем кога човештвото е во криза. Отковидување“ е зборник со стихови кои прават поместување, ве фрлаат во безизлезност, во стравот од непознатото, но и преку призмата на смиреноста знаат да вродат со надеж, некои од нив се своевидно семе на бестрашноста, можност да се согледаат нештата од друг агол. Оваа осма е-збирка претставува фантастичен збир на поетски епизоди, контролно тестирање на нашиот поетски пулс.
Во книгата се застапени стотина автори меѓу кои може да ги прочитате Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, Виолета Танчева Златева, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Драгана Евтимова, Ненад Јолдески, Ерол Туфан, Роман Кисјов, Амир Ор, таа претставува пресек на една година која остави трага кај сите.
Уредник на „Отковидување“ е Митко Гогов, тоа е книга со поезија поделена во неколку циклуси, истовремено збогатена со визуелни илустрации од светски уметници, како и со ковид галеријата со дизајните на Елена Банчотовска.
Книгата можете бесплатно да ја прочитате овде: https://bit.ly/2L8CcuV