Првпат во историјата на својата кинематографија Македонија ќе земе учество во главната програма на Берлинскиот филмски фестивал
Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска, Македонија првпат во историјата на својата кинематографија ќе учествува во главната програма на Берлинскиот филмски фестивал. По успехот на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, ова е прво учество на земјава во главна конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот (освен Кан и Венеција) по повеќе од дваесет години.
Ова беше соопштено на вчера одржаната прес-конференција на Агенцијата за филм на Република Македонија, на која директорот Горјан Тозија и актерката и продуцентка Лабина Митевска говореа за успехот на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, како и за успехот на македонската кинематографија во текот на изминатата година.
Приказната на овој нов филм на Теона Стругар-Митевска се одвива во Штип, каде што секој јануари, локалниот свештеник на Богојавление фрла дрвен крст во реката, а стотици мажи со пливање и нуркање се обидуваат да дојдат први до него. Среќата и просперитетот му се загарантирани на тој што ќе го фати прв крстот. Петрунија неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати пред другите. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето.
– Конечно сме во официјална натпреварувачка програма на еден од трите најзначајни, навистина најзначајни и навистина најпрестижни фестивали. Ова е добиено со многу труд и многу работа, голема посветеност и макотрпно градење репутација на бескомпромисен, смел и особен уметнички израз и филмски јазик на Теона Стругар-Митевска. Радува или растажува и фактот дека доаѓаме од регион чија кинематографија не наидува на некој особен меѓународен прием и учеството на филмови од овој регион во главна конкуренција во врвните три фестивали е навистина ретко, со чест на фантастични исклучоци – рече Лабина Митевска.
Според неа, за квалитетот на филмот, кој ќе ја има својата светска премиера во Берлин, сведочи и огромниот интерес кај најголемите агенти за продажба.
– Имавме привилегија во преговорите да го избереме најсилниот агент во моментов во кој навистина веруваме и очекуваме дека ќе донесе широка европска и светска дистрибуција. Се работи за францускиот „Пирамид“, кој застанува зад филмови што ја обележуваат врвната европска кинематографија во последните неколку децении. Со овој договор, „Пирамид“ наедно ги откупи и правата за дистрибуција на филмот низ Франција и ова ќе биде само трет македонски филм што ќе има кинодистрибуција во Франција, по „Пред дождот“ и „Јас сум од Титов Велес“ – додаде таа.
Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, во своето обраќање ги истакна и големиот број успеси што македонската кинематографија ги бележеше во текот на 2018-та.
– Овој извонреден успех е продолжување на континуитетот од годината што измина, кога имавме извонредно достигнување на престижниот фестивал „Санденс“ со краткометражниот игран филм „Види ја ти неа“, во режија на Горан Столевски, кој ја доби и наградата за најдобар краткометражен филм. Како продолжување на успехот е и годинешната селекција на македонскиот документарен филм „Медена земја“, во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, кој влезе во строгата селекција на овој престижен филмски фестивал, посветен на авторскиот и независен филм. Секако, не помал е и успехот за веста дека наш актер, Благој Веселинов, се вброи и во програмата „Шутинг старс“ на Берлин, во конкуренција на десет најдобри млади европски актери – рече тој.
Тозија отворено говореше за тоа дека кога станува збор за квантитетот на филмовите, македонската кинематографија не заостанувала. Посочи дека во период од девет години се финансирани над 300 филма, но, за жал, погрешните стандарди и вонфилмските влијанија не му донесоа ништо добро на македонскиот филм.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е комплексна копродукција помеѓу пет
земји, Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска. Проектот е поддржан од престижниот „Еуроимаж фонд“ и „Медиа фондот“ за развој на проекти. Буџетот на филмот е 1.400.000 евра, а од македонската агенција за филм доби 30.000.000 денари. Снимањето на филмот траело шест недели, во Штип, во текот на јануари и февруари лани. Монтажата се одвивала во Белгија, звукот, лабораторијата и музиката биле работени во Белгија, Франција и во Словенија.
Косценарист на Теона е Елма Татарагич, директор на фотографија е Белгијката Виргиние Саинт Мартине, сценограф е Вук Митевски, костимите се на Моника Лорбер и шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажерка на филмот е Мари Хелен Дозо, а дизајнер на звукот Ингрид Симон. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија Јане Кортошев, директор на филм Елена Станишева.
Главната улога на Петрунија ја игра Зорица Нушева, а другите улоги ги толкуваат Симеон-Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Лабина Митевска, Игор Тодоров, Ненад Ангелковиќ и Владимир Тулиев.
Во оваа пригода е истакнато и дека за цело време на континуираното постоење на продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, квалитетот на сите нејзини проекти постојано е потврдуван со огромна поддршка, низ разните филмски фондови низ земјите од Европа, како и од паневропските асоцијации.