Највлијателни современи уметници на денешницата
Френк Стела со децении ги реформираше облиците и материјалите во апстрактното сликарство, откажувајќи се од рамните површини за сликање до точката во која неговите дела навидум преминаа во вајарство. А потоа го најде одговорот во неговото презиме кое на италијански значи ѕвезда. Американскиот уметник првпат го истражи тој мотив пред 60 години, па го напушти, за повторно да му се врати со актуелизирањето на компјутерската технологија и можноста да изработува тридимензионални модели. На изложбата поставена годинава во Риџфилд во американската сојузна држава Конектикат, имаше 25 дела во облик на ѕвезди изработени во изминатава деценија, со што може да се каже дека ѕвездите го одбележаа творештвото на Стела во 21-от век.
– Кога почнував, не сакав да слушам за тоа како моето презиме е Стела и како сум направил слика во облик на ѕвезда. Но, ѕвездите претставуваат подлоги на кои може да се слика и веројатно затоа велам, гледајте тоа сѐ уште е слика, на некој начин – објаснува славниот уметник.
Стела се прослави уште во неговите 20-ти години кога њујоршкиот Музеј на современа уметност (МоМА) изложи дел од неговите дела во 1959 година. Тој е признаен меѓу најзначајните живи американски уметници, со што весникот „Њујоркер“ наведе дека Стела има исто значење за апстрактната уметност како Боб Дилан за музиката. Најскапо продадено дело на Стела е „Транзиција на Делавер“, кое достигна цена од 13,7 милиони долари на аукција одржана во 2015 година.
Слично како и Стела и Германецот Томас Шуте ги честопати ги „заобиколуваше“ традиционалните уметнички жанрови преку неговото творештво на скулптури, принтови, инсталации, цртежи и фотографии. Еден од најзначајните скулптори на денешницата ја одбива идејата за повторување на одреден стил со цел да создаде бренд. Наместо тоа тој претпочита навраќање на претходни теми, мотиви и форми за дополнително да ги развие и да ги трансформира. Шуте експериментира со материјали и со техники за создавање на нови интерпретации на идеите.
По освојувањето на „Златниот лав“ за најдобар уметник на биеналето во Венеција во 2005 година, скулпторот од Диселдорф имаше околу 20 музејски изложби, а неговите дела се во колекциите во „Тејт“, уметничкиот институт „Кларк“, „МоМА“ и во Уметничкиот институт на Чикаго. Две негови скулптури беа продадени за 5,3 и за 4,1 милиони долари во 1996 и во 2002 година.
Студентите што ќе се запишат на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во претстојната академска година ќе имаат прилика да добијат образование и обука што ќе им овозможат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Во рамките на ФЛУ се реализираат студиски програми по сликарство, вајарство, графика и по ликовна педагогија. Пријавувањето за уписот е во тек.