Наградите на „Македокс“, за кои одлучуваа пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори, беа доделени синоќа на затворањето на фестивалот за документарен филм.
Наградата „Кромид“, за најдобар филм во главната програма ја доби филмот „Соло“ (Чешка, Франција, Аргентина,Австрија/ 2019/ 84мин. ) на Артемио Бенки. Овој филм, кој е предводен од еден лик, успева да пренесе повеќеслоен свет на филмското платно. Преку необичниот пристап и хипнотизирачкиот стил, филмскиот творец ги открива маките на протагонистот. „Соло“ е смел и интимен портрет на еден надарен музичар кој се обидува да воведе ред во својот живот и претставува чувствителна филмска приказна за луѓето кои ги обележуваме како „луди“.
Специјално признание во оваа категорија доби документарецот „Град на мртовци“ (Шпанија/ 2019/ 55 мин.) на режисерот Мигел Ек. Филмот ги прикажува различните лица на смртта преку една група обични луѓе. Внимателно конструираната приказна и прецизната кинематографија на филмот умешно нуди едно алтернативно гледиште на т.н. „херој на мисија“ – наратив што е присутен во многу современи документарци.
Со награди за најдобар филм на нов автор се закитија и македонскиот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов, Тамара Котевска и „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) на Рета Хухтанен.
Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм замина во рацете на филмот „Нашата песна за војната“ кој е неповторливо филмско искуство во кое животот и смртта се среќаваат во еден волшебен миг на помирување.
Германскиот филм „Ѕверот – воз со непознати“ на Мануел Инакер ја доби наградата „Кокарче“ – за најдобар студентски филм.
На фестивалот беше доделена и награда за филм со најдобри етички идеи, што ја доби филмот „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) на Рета Хухтанен.
Фестивалот беше затворен со премиера на филмот „Медена земја“, по што следеше и концерт на групата „Фолтин“.