На „Плумбум“ во Риека е откриена фасцинантна скулптура од дрво и од метал, дом за 160 птици. Оваа информација за необичната градба од инстаграм-профилот на Музејот на модерната и современата уметност во Риека се пренесуваше и меѓу корисниците на Фејсбук во земјава.
– Новоградба во пријатен резиденцијален дел. Врвен дизајн, елегантни и функционални станови. Во близина на море. Добредојдени се сите птици, без разлика на видот и брачниот статус – вака би можел да изгледа оглас за купување стан во „Солитерот за птици“, скулптура од дрво и од метал со 160 „стана“ за птици, до 11 метри во височина, која е подигната во рамките на комплексот сали „Јога-култура во секојдневниот живот“ и хостелот „Дарма“ на риечки „Плумбум“. Иако солитерот навистина ќе им служи на птиците, тој е создаден како уметничка интервенција на белградскиот уметник Владимир Периќ Талент, и тоа во состав на циклусот уметнички интервенции во јавен простор „Превртен џеб“ на Музејот на модерната и современата уметност, и како дел од програмата на Европската престолнина на културата. Оваа уметничка интервенција е составен дел од програмската насока „Време на моќ“, која освен со риечката и европската историја, се занимава и со различните облици и односи на моќ – од деструктивна до креативна моќ, како и со различни подрачја од уметноста – од театар, филм, преку ликовна уметност и уметнички интервенции се до архитектурата.
„Солитерот за птици“ го рефлектира типот градби во кој живеат голем број риечани. Но неговата позиција е спротивна во однос на блискиот Вулканов солитер, празна стаклена обвивка на центарот „Тауер“ и оџакот во Вулкановата населба. При изградбата се користени материјали на локалните занаетчии, кои по пропаѓањето на фабриката „Вулкан“ го населиле просторот на т.н. Вулканова населба. Одржливоста и вклопеноста на скулптурата со околината се огледа и во одбраната микролокација – птиците и пчелите, кои за време на активната работа на фабриката во голем број го напуштиле просторот, сега се враќаат поради перманентната работа за одржување на зелените површини околу хостелот „Дарма“.