Таму каде што го направи првиот чекор во своето музичко образование во концертната сала на ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци исклучително талентираниот кларинист Јован Јованов пред своите сограѓани одржа солистички концерт во соработка со  професорката Билјана Петровска напијно. Солистичкиот концерт се одржа веднаш по неговото дипломирање на факултетот за музичка уметност „Св Кирил и Методиј“ – Скопје – отсек кларинет во класата на професор Стојан Димов.

За овој солистички концерт Јован Јованов одбра дела од B.H. Crussell, B. Kovacs, W. Lutoslawski и G. Rossini и остави силен впечаток кај неговата редовна публика која го награди со бурен аплауз.

Јован Јованов важи за еден од најталентираните ученици на инструментот кларинет во основното музичко училиште во Кавадарци. Потекнува од музичко семејство во кое дедо му свири кларинет, а татко му Златко Јованов труба. Јован го одбира инструментот на неговиот дедо и уште од почетокот се издвојува со неговата голема музикалност и талент. Уште на самиот почеток неговиот квалитет е забележан, што се потврди со освојување на бројни награди на државните и меѓународните натпревари на кои учествуваше како ученик во средното музичко училиште и како студент. Меѓу бројните награди, да ги споменеме само првата награда на „Охридски бисери“ 2011 година, прва награда на ЕМСИ државниот натпревар на ученици и студенти 2006 година, специјална награда во 2009 година и прва награда на државниот натпревар на млади музичари во 2011 година. На меѓународниот натпревар во Пожаревац први награди освојува во 2006, 2008 и 2009 година во Белград на натпреварот „Даворин Јенко“ исто така први награди освојува и во 2007 и 2009 година, по што следува наградата лауреат за 2010 година на натпреварот „Петар Коњовиќ“ во Белград. Една од неговите последни награди е на натпрварот „SAХ CLAR“- Скопје каде освои втора награда.

Својот прв солистички концерт го одржа во Кавадарци во 2007 година, а истата година имаше соло настап и со Македонската филхармонија. Во 2011 година одржа втор солистички концерт во Кавадарци и повторно соло настап со Македонската филхармонија. По две години одржува уште еден солистички концерт пред своите сограѓани. Досега Јован има земено учество во повеќе семинари од кои се издвојува семинарот ЕМСИ – Светска музичка асоцијација во Германија. Кларинетот и понатаму останува животна определба за Јован Јованов, кој планира запишување на магистерски студии и надградување на неговото музичко образование.

Ми.М.