Заедничката изложба „Триплет“ на Славица Јанешлиева-Бачварска, Гоце Наневски и Игор Сековски ќе биде отворена на 14 март во галеријата на Академијата за ликовни уметности во Сараево
„Триплет“ е насловот на заедничката изложба на македонските уметници Славица Јанешлиева-Бачварска, Гоце Наневски и Игор Сековски со која тие од 14 март (во 14 часот) ќе се претстават во галеријата на Академијата за ликовни уметности во Сараево, во рамките на богатата програма на тековниот меѓународен фестивал „Сараевска зима“. Изложбата е селектирана од организаторот на фестивалот и презентира дел од рецентната продукција на тројцата современи автори со богата биографија. Секој од нив реферира на специфична тема од современото општество и живот (глобално и локално) на експлицитен визуелен јазик, добро познат на македонската ликовна публика, кој е резултат на индивидуалните интереси, истражувања и изложбена активност.
Славица Јанешлиева-Бачварска ги изложува објектите „Имигрант, емигрант или можеби јас“ (2016/17) и „Споменик за крајот на 20 и почетокот на 21 век“ (2016), визуализации со кои ги заматува границите на локалното и на глобалното, давајќи им нови значења и интерпретации.
Гоце Наневски претставува дел од проектот „Анатомија на векот“ од 2017 година односно видеата „Судбина“ и „Ние вампирите“ како и објектот „Срамота е да нема змии овде“ од 2015 година. Делата реферираат на моралните, етичките, културните и егзистенцијалните аномалии како наметнати референтни вредности во општеството.
Игор Сековски се претставува со делото „Кво вадис“ од 2014 година и со едно ново дело од 2019 година каде што користи Брајово писмо, дела што се однесуваат на прашања поврзани со транзициската неизвесност и егзистенција и општото чувство на изгубеност и вртење во круг, притисок за остварување заокружена и прецизна артикулација, и неможноста за комуникација. Наедно, посочуваат авторите, изложбата „Триплет“ е можност за меѓународно присуство и видливост на современото македонско ликовно творештво.
Триесет и петтото издание на „Сараевска зима“ се одржува под слоганот „Бучава и бес“, со исклучително богата и квалитетна програма од сите видови уметности годинава, под покровителство на УНЕСКО. Започна на 7 февруари, ќе заврши на 21 март, а на него учествуваат 1.500 уметници од 41 земја во светот.