Автори на стрипот „Скопскиот дервиш“ се Виктор и Владимир Трајановски, а издавач е Центарот за етнолошки истражувања и применета
антропологија

„Скопскиот дервиш“ е насловот на стрипoт чии автори се браќата Виктор и Владимир Трајановски, а издавач е Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија (ЦЕИПА) од Скопје. Етнологот и антрополог Виктор, доцент на Институтот за етнологија и антропологија, е автор на идејата за стрипот и на истражувањето на материјалот претставен во него, додека неговиот брат, графичкиот дизајнер Владимир, е автор на сценариото, на цртежот и на графичката обработка. Виктор, во чиј фокус на интересирање е бекташкиот дервишки ред, укажува дека главната идеја зошто го одбрал стрипот, за преку него да ги презентираат историјатот и суштината на оваа институционална форма на суфизмот што сè уште постои и во Македонија, му била да создадат едно заедничко дело со Владимир. Дело во кое ќе се соединат науката, пред сè етнологијата и антропологијата, животната преокупација на Виктор, и стрипот, или деветтата уметност, големата пасија на неговиот брат уште од најрана возраст.
– На овој начин сакавме да направиме еден исчекор од ограничениот академски круг и да го промовираме и доближиме суфизмот, поточно бекташкиот тарикат на пошироката публика, користејќи го стрипот како жанр што овозможува многу подобра визуализација, индиректно придонесувајќи и за збогатување на македонската стрип-култура, која последниве неколку години е во голем подем, што, секако, е за почит и пофалба – вели Виктор.

А во воведниот текст во стрипот меѓу другото стои забележано дека дервишките редови веќе од самиот почеток на османлиската власт во нашите краеви (14 век) заземаат активно учество во процесот на формирање на населбите и во ширењето на исламот и исламско-ориенталната култура. Посочено е и дека иако во Скопје веќе ги нема некогашните две бекташки теќиња, сè уште има верници што во тајност во градот ги извршуваат обредите. Виктор Трајановски е автор и на документарецот „Зикр – дервишкиот верски обред во Скопје“, кој беше прикажан на 16 мај на фестивалот „Арт ареа“, во кафе-книжарницата „Буква“. Тој вели и дека во градот има претставници на разни дервишки редови што ја негуваат и продолжуваат повеќевековната традиција на тарикатскиот живот, а еден значаен белег на таквите редови претставува Зикрот (Зикирот), верски обред што имале можност визуелно да го документираат.
– Пред да започнеме со снимање, во неколку наврати бевме во посета кај дервишите, испитувајќи го теренот за работа, каде што се запознававме едни со други. За краток период ја стекнавме нивната доверба, која ни ги отвори портите и можноста од прва рака да го погледнеме и да го документираме овој интересен и егзотичен обред. Имав чувство дека цело време при снимањето на филмот бевме перципирани како рамноправни членови на нивната тарикатска заедница. Во ниту еден момент не се почувствува нелагодност поради нашето присуство или страв од камерата. Обредот Зикр во целост е еден интересен феномен од почетокот до самиот крај. Меѓутоа, сепак, најголемо внимание привлекува кулминацијата, односно делот кога верниците занесени од ритамот на удирачките инструменти, помешан со сè побрзата инвокација, ќе западнат во џезбе т.е. во состојба на целосен занес, екстаза. Во тој момент дервишите предводени од нивниот муршид или шејх, пристапуваат кон обредно бодење со остри предмети во различни делови од телото.

На овој начин тие ја демонстрираат суфиската девиза „муту кабле енте муту“, со значење „умрете пред вистински да умрете“. Во отсуство на крвавење при обредното бодење, дервишите докажуваат дека нивните тела се наполно мртви, а душата ја пронашла и се соединила со апсолутната реалност, со Вистината, со Хак, односно со Бог, што е една од главните цели во суфизмот – вели Виктор Трајановски.
На Владимир, пак, освен материјалите од истражувањата на Виктор, за визуелната подлога на стрипот му биле потребни дополнителни материјали – фотографии од Скопје, од дервишките теќиња во Македонија, од местата битни за дервишкиот суфиски тарикат, од минатите генерации, а најмногу за креирање на двата главни лика во стрипот, дедото и внукот.
– Стрипот претставува своевиден преседан, ги спојува разделените бекташки заедници во Македонија. Имено, ликот на дедото е земен од старешината на Харабати Баба-теќето во Тетово, додека ликот на внукот е земен од едно младо момче што ѝ припаѓа на бекташката заедница од прилепското село Канатларци. За жал, како и многу работи кај нас, и овде постои подвоеност, односно припадност на еден или друг бекташки центар. Во стрипот успеавме да ги споиме на некој начин – вели Владимир.