Збирката раскази „Синот-риба“ од современиот македонски писател Александар Прокопиев деновиве се појави во издание на престижната белградска издавачка куќа „Геопоетика“, чиј основач и сопственик е познатиот српски писател Владислав Бајац. Преводот од македонски на српски јазик е на Јелена Прокопиева. Збирката содржи педесетина, главно куси-куси раскази, во кои авторот го продолжува својот интерес за пишување во оваа, во последно време, сѐ попопуларна форма.
Александар Прокопиев уште од своите први книжевни остварувања – „Младиот мајстор на играта“, „…или…“ и „Пловидба кон југ“, се легитимира како автор што е исклучително заинтересиран за оваа специфична книжевна форма. Во контекст на оваа книга, современиот хрватски писател Миљенко Јерговиќ ќе напише: „Го замислувам како сопственик на тесно дуќанче, некаде во Старата скопска чаршија, како од утро до раната квечерина мајсторисува внатре, се занимава со својата работа и занает, за кој обичните луѓе не се грижат премногу, зашто ни не знаат што внатре, во тој дуќан, се случува. Во тоа мое будно сновидение Сашо Прокопиев е занаетчија што се занимава со изработка на раскази од сите формати, од многу куси, минијатури на границата на нешто што обично се нарекува песна во проза, до подолги, по малку епски, квазиисториски и псевдодокументаристички, во кои гради некоја своја имагинарна, мечтаена митска Македонија, која, како и секоја митска земја, е поавтентична и пожива од оваа реална Македонија.
И баш ми е гајле за неговата професорска кариера, за универзитетот и за сличните трици, јас него го гледам во сина мајсторска престилка, каллива од земјата низ која поминале неговите јунаци и црн од маста што извира од неговата старинска машина за пишување, како се занимава со својот величествен занает. Едно утро, тоа ќе биде понеделник, во скопската чаршија ќе стапнат Борхес и Бруно Шулц, за да го побараат дуќанот на Сашо. Ќе ги прашуваат луѓето каде се наоѓа, никој нема да знае каде се наоѓа тоа, па до дуќанот ќе дојдат движејќи се по една многу долга пајакова нишка. Ова е книга што магионичарот писател им ја пишува на своите читатели магионичари. Додека ги читате неговите раскази, станувате свесни за своите сопствени, за кои не сте знаеле дека постојат. Чудо, ви велам!“…
Во врска со расказите на Александар Прокопиев, современиот бугарски писател Георги Господинов вели: „Знам дека во Скопје сѐ е можно – еднаш, при една кратка посета, во старата чаршија го сретнав Том Стопард лично. Во старата чаршија, еден од ликовите на Прокопиев речиси го сретнува Чехов. Такви се овие раскази – со чувство за секојдневното чудо, со луцидни сништа и толкување на туѓи сништа, со постојани изненадувања, но и со спокојство, дека секогаш сме тука, но и некаде другаде.“В.Д.