Издавачката куќа „Антолог“ неодамна ја претстави книгата „Силуети“, прва збирка раскази на Станка Бајлозова-Барламова. Според авторката, станува збор за психолошки раскази, вкупно осум, кои го третираат влијанието на потсвеста врз нашите животи.
– Во книгата се отвораат голем број прашања за стравот како непријатен човеков сопатник, за малограѓанството како еден вид неизлечива болест во општеството, за високосвесноста, која сѐ повеќе станува ендемски вид во времето во кое живееме. Мотото на оваа збирка, кое може да се прочита на задната страница од корицата е дека потсвеста никогаш не спие. Таа е будна дури и во мигот на најдлабоките човекови соништа. Во расказите се среќаваат два вида ликови, едните што се постојано меланхолични, а другите, пак, носат некаква трага, товар или некое непријатно доживување од детството или младоста како една многу важна преодна фаза во формирањето на нивната возрасна личност.
Меѓутоа и кај едните и кај другите главниот акцент е ставен на потсвеста. Таа ги контролира соништа на ликовите, нивните размислувања и дејствувања низ животот – објаснува Бајлозова-Барламова.
Таа додава дека ликовите во расказите не се шаблонизирани.
– Тоа не се ликови што најчесто се среќаваат во општеството. Тоа се ликови херои, ликови што не го наведнуваат грбот пред она што општеството го наложува како моралност. Тоа се ликови што имаат своја гордост и свое достоинство и најмногу ги боли кога општеството или околината чепка токму по таа нивна гордост или достоинство – вели авторката.