Љупка Делева, уметница

Македонската уметница Љупка Делева, која живее и работи во Венеција, во годинава што изминува на ликовната сцена ќе остане забележана и како иницијаторка на добротворна изложба за помош на настраданите од поплавите при високата плима во овој град. Таа напоменува дека досега се собрани четириесетина уметнички дела од Македонија, дела на сликари, фотографи и дигитални уметници од Норвешка и од Италија, а свои дела ѝ испратиле и Македонци од Австралија, Англија и од Хрватска. Делата се собираа во Националната галерија на Македонија во Скопје.

Најавивте дека изложбата би се одржала под наслов „Уметниците за Венеција“. До каде сте со подготовките, колку уметници вкупно и од кои земји досега се одзваа и донираа свои дела?
– Најпрво ви благодарам за укажаната чест за ова празнично интервју, наедно вам и на читателската публика ви ги честитам новогодишните и претстојните божиќни празници. Подготовките за изложбата се во тек, секојдневно оваа иницијатива се збогатува со нови искуства, нови луѓе што гравитираат околу проектот, станува збор за еден вид жив организам што расте и пулсира и, се надевам, наскоро ќе се материјализира во некој простор достоен за оваа благородна мисија. Поради временските услови во Венеција со поплавите при високата плима, сѐ е некако ставено на чекање, бидејќи многу објекти се реставрираат и се санираат штетите. Сега е период на божиќните празници и на училишниот распуст, но кога ќе почнат карневалските денови сѐ ќе добие поведар и подинамичен тек, се надевам дека и изложбата ќе се одржи тогаш. Досега се собрани околу четириесетина дела. Морам особено да им се заблагодарам на колегите, на македонските уметници, кои се најмногубројни и кои веднаш одговорија на мојот апел за хуманост. Дадоа прекрасни и издржани дела, лична карта на нашиот уметнички потенцијал во едно ревијално светло, што многу ме радува, бидејќи Венеција ги гледа обично само претставниците на Венциското биенале. Ова е можност да се покажат различните нијанси на нашиот ликовен сензибилитет. Има дела на сликари, фотографи и дигитални уметници и од Норвешка, Италија, како и дела од наши Македонци од Австралија, Англија и од Хрватска.

Вашата иницијатива за солидарност на уметниците за помош на загрозените граѓани од високата плима во Венеција наиде на позитивни реакции во јавноста во Македонија, но какви реакции предизвикува во овој светски познат, италијански град?
– Идејата за оваа иницијатива дојде многу спонтано и искрено, па такви се и реакциите на венецијците. Ја согледуваат пораката што ја содржи овој иден настан и благодарни се што една уметница (па уште и туѓинка), се сетила на свој начин да придонесе, да се даде мала, конкретна финансиска поддршка за загрозените, во овој случај тоа се штитениците и жители на домот за згрижување на лица со интелектуална попреченост од островот Џудека, Венеција. Организирајќи го овој настан, разговарам и запознавам многу нови луѓе што секој на свој начин го збогатуваат мозаикот до конечната реализација. Во Венеција значајна поддршка имам од генералниот конзул на Македонија, Стојан Витанов, а со тоа оваа иницијатива добива дипломатско обележје за зближување на двете земји и ја покажува нашата балканска чувствителност за помош при елементарна непогода.

Што, пак, ви остави впечаток од светската уметничка сцена во 2019 година, можеби годинашното издание на Венециското биенале?
– Венецијанското биенале од агол на луѓето што живеат во Венеција е период кога градот се полни со убава креативна енергија, енергија на забави, отворања и „мингл“ (остварување нови контакти) што би рекле англосаксонците. Се полни со убави изложби, со луксузни забави, алтернативни појави, луѓето се дружат меѓусебно. Секоја година забележувам еден пар од Германија, кој се облекува во флуоресцентни театрални фустани и го посетува биеналето. Тоа е перформанс што само око што набљудува може да го фати. Од годинашното биенале го издвојувам учеството на нашата претставничка Нада Прља, која направи значаен настан. Изложбите на Мице Јанкуловски, Игор Јосифов и Марија Павловска, беа убава можност да се видам со драги луѓе од Македонија. Убаво е кога има повеќе наши уметници што ја претставуваат земјата додека трае биеналето, како во 2009 година кога и јас имав мое претставување на колатералната изложба „Кросинг“ во Форте Маргера, близу Мештре.

Соработувате ли често со венецијански и македонски уметници, со луѓе од сферата на културата, каква е таа соработка?
– За овие скоро дваесет години колку што сум во Венеција, остварив пријателства со луѓето од културата од овој, но и од другите градови: Рим, Болоња, Трст, Милано… Соработките се спорадични, затоа што овие години бев посветена на мајчинството. Соработката со македонските колеги е постојана, таа нишка е поцврста.

Летово учествувавте на изложбата „Родови перцепции“ во МСУ во Скопје. Какви теми во овој период ве преокупираат како авторка и дали имате во план самостојна или учество во групна изложба во 2020 година?
– Оваа 2019 г. ме израдува со две изложби во Музејот на современата уметност во Скопје, „Плотер арт“ и „Перцепции“, а учествував и на протестната годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) со една дигитална фотографија, која е презентирана во каталогот. За жал, не сум сега во Скопје за да ја напишам мојата порака на црната лента на празните ѕидови од „Мала станица“, па ќе ја напишам тука: „Поддршка за визуелните уметници, за нивниот статус, поддршка за ДЛУМ да добијат постојан изложбен простор!“ За наредната 2020 г. подготвувам проект со кураторката Ана Франговска, работниот наслов му е „Автореферентност“.Јас сум селективен тип уметник кому бројот на изложбите не му е битен. Она што ќе го изработам сакам да биде издржано и целосно да ме претставува. Затоа овие започнати проекти сакам да ги доведам до крајна реализација. Не правам амбициозни планови, туку го живеам и го прифаќам она што животот ми го дава. Сигурна сум дека и 2020 година ќе биде исто така разнолика и богата!


Предновогодишна венецијанска атмосфера

Каква е овие денови предновогодишната венецијанска атмосфера, се организираат ли уметнички настани, концерти, изложби и што би сакале да издвоите како вредно за споменување на тој план?
– Како и секоја година па и оваа, за време на католичките божиќни празници ја имам на гости мојата мајка и заедно одиме на предновогодишни настани, на изложби што завршуваат со здравици за убави желби и просперитет, со концерти, перформанси. Сето тоа има некоја фина нота на магична божиќна прашина… Во Венеција театарот „Ла Фениче“ го организира свечениот традиционален концерт, театарот „Голдони“, кој негува класичен репертоар, организира божиќни настани, како што е изведбата на руската балетска претстава „Оревокршачка“, а посебен акцент е ставен на присуството на семејствата во театар. За Нова година на плоштадот „Сан Марко“ веќе неколку години се организира пречек именуван како „Празнување со бакнеж“, оваа година тој ќе биде и под маски, под наслов „Љубов 2020“. На отчукувањето на часовникот на полноќ на 31 декември и на започнувањето на получасовниот огномет, сите присутни парови се бакнуваат во исто време, придружени со венецијанска музика и здравици со познатиот „просеко“ од Венето. Овој бакнеж е порака за љубов и пред сѐ за мир со која ќе се започне новата година. Досега не сум била на таков пречек, го сметав за случување за туристи. Можеби овој пат ќе присуствувам.