По успешното гостување на Јордан Витанов како режисер во кавадаречкиот театар во 2011 година со претставата „Хамлет од Долно Бошава“ од Иво Брешан, пред две недели почнаа подготовките на комедијата „Ужасите што ги предизвикува пасивното пушење“, текст на познатиот српски драматург Небојша Ромчевиќ. Праизведбата оваа комедија ја имаше во 2016 година кога беше поставена на репертоарот на белградскиот театар „Звездара“ и доживеа околу 70 изведби.
– На сцената на кавадаречкиот театар ќе се случи втората изведба на овој текст. Комедијата е напишана од современ драматург и во мојата досегашна кариера не сум сретнал толку свеж и актуелен текст напишан за нашиот момент од живеењето, односно една фина комедија за нашата нова догма на живеење – Европската Унија. Станува збор за забавна, смешна, убава и топла претстава. Иако се спомнува зборот терорист, кој во актуелниот миг е многу опасен, верувајте текстот е целосно безопасен за Европската Унија, затоа што таа ќе остане цела и ништо нема да ѝ фали. Дејството се случува на аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз каде што пристигнува професорот Атанас од Македонија со намера да ја посети својата ќерка, која студира дизајн во Париз. Заплетот почнува кога компјутерот на аеродромот покажува три ѕвездички врз основа на што професорот го осудуваат дека е терорист – вели режисерот Јордан Витанов.
Улогата на професорот од Македонија ќе ја толкува Диме Коцевски, Видан Станоев ќе игра три лика – полицаецот, шефот и на чистачот – терорист, Диме Боцев го толкува ликот на инспекторот Лакан, а Љупчо Мелов ликот на Џек Бауер, американски генерал во пензија што се разбира го решава проблемот. Витанов е задоволен од изборот на актерите и се надева дека кавадаречката публика ќе биде задоволна.
Директорот на домот на културата „Иван Мазов Климе“, Александар Малинков, најави дека оваа е првиот од трите театарски проекти што ќе се реализираат во текот на годинава. Ми.М.