Со неколкуте успешни гостувања на врвни солисти и камерни ансамбли, фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер навлезе во втората половина од годинешната 61-ва концертна сезона со звуците на харфата и уметницата Елоиз Карлин-Џонс која настапи во рамките на Француската вечер на фестивалот.
Француската вечер на „Охридско лето“ е традиционален настан 14 години и секое лето на публиката ѝ ги носи најдобрите уметници од Франција.
Прогласувајќи ја вечерта за отворена, амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Сирил Бомгартнер истакна дека во изминатите четиринаесет години француското културно присуство во земјава има своја летна престолнина, а тоа е Охрид.
Младата француска харфистка Елоиз Карлин-Џонс преку јасноста и умешноста на звукот на харфата покажа дека е врвен уметник кој совршено владее со инструментот.
– Првпат сум во Охрид, и тоа е навистина голема чест. Програмата беше разновидна, составена од оригинални дела напишани за харфа, но и транскрипции, како на пример Бах. Таа беше специјално направена за фестивалот. Првата половина од концертот беше исполнета со танци, а втората со песни. Поради неверојатната акустика, чувствував како музиката што ја свирам го исполнува просторот – рече Карлин-Џонс.
Таа призна дека изминатиот период од пандемијата кога светот беше парализиран, бил тежок и за уметниците.