Македонско-хрватските јазични, културни и книжевни врски имаат многувековна традиција и континуитет. И денес во забрзаниот и превртен 21 век, тие се пример за светот како можат и треба да се разбираат два народа, да градат меѓусебна доверба и соработка. Потврда за тоа беа и годинашните манифестации што се одржуваа во Загреб и во Самобор, од 21 до 25 ноември. Средбите започнаа со трибина, на која предавања имаа Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски, во организација на Заедницата на Македонците во Хрватска и македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб.
Во проследувањето на македонско-хрватските врски од 9 век со епохалното дело на сесловенските просветители св. Кирил и св. Методиј до денес, Тоциновски во своето предавање посебно се задржа на Зборникот на браќата Миладиновци (1861), на Георги Капчев и неговата книга „Македонија или гласот на робот“ (1898) и на втемелувачот на современата македонска литература Кочо Рацин и стихозбирката „Бели мугри“ (1939). Низ нови архивски истражувања беа коментирани животот и делото на македонските просветители Константин и Андреја Д. Петкович како царски руски конзули во втората половина на 19 век во Дубровник и во Риека.
Говорејќи за животот и делото на Рацин, Ковилоски посебно се задржа на неговите престои во Хрватска, како и на соработката со хрватските револуционери и автори што помогнале „Бели мугри“ да ја видат светлината на денот. Во богатата и разновидна дејност на Советот на македонското национално малцинство на градот Загреб посебно место и значење има издавачката дејност. Се одржа и промоција на две нови двојазични изданија наменети за младите генерации: „Македонски народни приказни“, во избор на Ивица Баковиќ и во превод на студентите на дипломските студии по јужнословенски јазици, и стихозбирката „Те сакам до небото и назад“ од Ана Бунтеска, преведена од учениците што посетуваат македонски јазик и култура во Првата машка гимназија во Загреб.
Советот на македонското национално малцинство во Европскиот дом одржа промоција на книгата „Златоусно слово“ од Васил Тоциновски. Книгата содржи дваесетина книжевно-историски студии, во кои компаративно се проследуваат, толкуваат и вреднуваат значајни автори и дела, книжевни појави и движења во македонската и европските книжевности, во кои особено се одвојува хрватската литература.
Промоторот Ивица Баковиќ, со одбрани зборови високо вреднувајќи го новото дело на Тоциновски, нагласи оти авторот ја набљудува литературата во еден широк вредносен книжевен контекст, со настојување во откривање и точно одредување на естетските вредности на делото. Богатата и разновидна програма посветена на македонската традиција и култура, која имаше широк одглас во хрватската јавност, се заокружи со Рациновиот ден во Самобор, на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и друштвото „Охридски бисер“. Оваа традиционална манифестација годинава беше под знакот на 79-годишнината од издавањето на златната македонска книга „Бели мугри“.
Пред бистата на македонскиот поет во дворот на Самоборскиот музеј беа положени венци и цвеќе од македонските друштва и асоцијации, како и од хрватската општественост. На свеченоста Славчо Ковилоски говореше за ликот и делото на генијот Рацин, а Васил Тоциновски за неговиот реферат „Улогата на феминизмот во општеството и првите почетоци на феминистичкото движење“ читан на собирот одржан на 8 март 1935 година, во Велес. Следуваше рецитал на поезија од Рацин, во изведба на членовите на литературно-драмската група „Ленка“ и на работилницата по македонски јазик за возрасни во Загреб.