Меморијалниот комплекс на Француските воени гробишта во Битола е единственото место каде што постојано се изложени фотографии од браќата Манаки, укажува директорот на Македонскиот центар за фотографија
Роберт Јанкулоски, фотограф
Во Битола е во тек изложбата „1918/2018 Рефотографирање“ на фотографот и директор на Македонскиот центар за фотографија, Роберт Јанкулоски, со тема од Првата светска војна, а таа војна беше во центарот на вниманието и на групната изложба „Мојата уметност е мојата стварност“ во Риека, на која Јанкулоски учествуваше заедно со својата сопруга Моника Мотеска.
Неодамна добивте и орден „Витез“ за креација и истражувачка работа за браќата Манаки и нивната поврзаност со Франција за време на истата војна. Што ви беше клучно за истражување на тој историски период?
– Интересот за старата фотографија и работата со фотографските материјали на браќата Манаки. При обработката на овие фотографии увидов дека голем дел од сочуваниот материјал е снимен непосредно пред Првата светска војна, за време на војната, а и од оние што се снимени по војната, голем дел на некаков начин е во врска со неа. Исто така и актуелноста на темата, 100 години од Првата светска војна.
Изложбата „1918/2018 Рефотографирање“ содржи и фотографии на браќата Манаки, на Зафир Ошавков и Кирил Миноски. Колку нивните дела од Првата светска војна се значајни за историјатот и развојот на македонската фотографија?
– Оваа изложба е уште една од оние мои авторски изложби во кои користам фотографии на стари мајстори и на тој начин се обидувам да ја афирмирам и старата македонска фотографија. Конкретните фотографии на Манаки, Ошавков и Миноски се снимени по завршувањето на војната, но на нив се прикажани места и објекти директно поврзани со неа. Тоа се воени гробишта и споменици. Некои од овие објекти денес не постојат. Овие фотографии се доста значајни за македонската фотографска историја.
При врачувањето на орденот „Витез“, француската амбасада со седиште во Скопје укажа дека 17 фотографии од браќата Манаки се постојано изложени во Меморијалниот комплекс на Француските воени гробишта во Битола. Во што е важноста на таа фотопрезентација?
– Тие седумнаесет фотографии се од големо значење за творештвото на Манаки затоа што се фотографии што ги прикажуваат Јанаки и Милтон како документарни фотографи на светско ниво, но пред сѐ оваа мини-поставка е значајна затоа што е единственото место каде што постојано се изложени нивни фотографии. Не постои на друго место постојана поставка на браќата Манаки.
Какви впечатоци носите од меѓународната изложба „Мојата уметност е мојата стварност“ во Риека, чиј фокус беше ставен на преиспитувањето на заборавените истории и позиции на маргиналните групи, особено на ромското малцинство?
– Изложбата беше одлично прифатена од публиката и таа на 23 декември ќе се отвори во Музејот на современата уметност на Војводина во Нови Сад. Покрај мене, од Македонија учествува и Моника Мотеска. Кураторките од моите две предложени дела го избраа видеото што е дел од мојата самостојна изложба „Инстант-семејства“.
Изложбата во Битола е организирана од Македонскиот центар за фотографија (МЦФ), со поддршка од француски државни и невладини субјекти. Каде е сегашното седиште на центарот и која е неговата перспектива, можно ли е да добие и свој изложбен простор?
– Изложбата е организирана од МЦФ, во соработка со Заводот и музеј- Битола и Државниот архив на Македонија, одделение Битола, со финансиска поддршка што ја обезбедивме преку АЛДА – Скопје (Европска асоцијација за локална демократија). МЦФ сѐ уште е во „Мала станица“ и јас искрено се надевам дека во иднина ќе се оствари нашата главна цел создавање музеј на фотографија со сопствен изложбен простор, каде што ќе имаме постојана поставка со избрани фотографии од секој автор и дел во кој ќе организираме изложби на современа фотографија.