Базиликата е со раскошна архитектонска диспозиција со сите елементи што се карактеристични за овие градби: олтарна преграда со парапетни плочи со крстови, розети и монолитни столбови со бази и капители и мозаик во апсидалниот простор и др.
По пауза од две години повторно се истражува ранохристијанска базилика датирана од 5 до 6 век, откриена на археолошкиот локалитет Кртозов Рид во селото Дреново, во рамки на проектните систематски археолошки истражувања, кои ги спроведува Музејот-галерија од Кавадарци со поддршка од Министерството за култура.
Едномесечните истражувања, ќе траат до 26 октомври на локалитетот, кој, како што укажуваат од музејот, се наоѓа на околу еден километар северозападно од селото Дреново, на терен на обработливо земјиште, простор каде што денес се наоѓаат лозја и ниви во приватна сопственост. Во археолошката карта на Република Македонија, локалитетот е евидентиран како раскошна вила, односно полски имот, а пак во Археолошката карта на Кавадарци и во евиденцијата на недвижно културно наследство на територијата на земјава, како вила рустика од раноримскиот и доцноримскиот период, која се наоѓа на северозападната периферија од селото.
Раководителка на ископувањата е Весна Ѓорѓиева, кустос-советничка, археолог во кавадаречкиот Музеј-галерија, а истражувачкиот тим го сочинуваат и Раде Атанасов – кустос-археолог, Трајче Цветков – историчар на уметноста и археолог од истата институција, како и Костадинка Филипова од Музејот на градот Неготино.
– Според досегашните истражувања на локалитетот Кртозов Рид – с. Дреново, ин ситу откривме нова ранохристијанска базилика, која според досегашните сознанија датира од 5 до 6 век со раскошна архитектонска диспозиција со сите елементи што се карактеристични за овие градби: олтарна преграда со парапетни плочи со крстови, розети и монолитни столбови со бази и капители и мозаик во апсидалниот простор (прв од ваков вид во Кавадаречко), крстовидна крстилница, некропола, а секако и со преостанатите археолошки наоди, кои даваат можност за нови значајни сознанија и фази на градби. А секако и согледување на културните појави што настанале на овој простор и неговата непосредна околина – укажуваат археолозите, објавувајќи и повеќе фотографии од актуелните и значајни истражувања и на музејската фесјбук-страница.
Тие истакнуваат и дека покрај стручниот тим, работници, студенти, колеги од сродни институции и волонтери, во реализацијата на истражувањата, како и досега, активно учествувале и ученицитe од повисоките класови од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, со професорката по историја Наташа Матакова. За учениците истражувањата имаат едукативен карактер.