Денеска, во 12 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена изложбата „Грчката колекција во Музејот на современата уметност“.
– Политичката и, поради неа, културната разделеност помеѓу Република Македонија и Република Грција до неодамна претставуваа нерешлива енигма, но притоа секогаш се појавуваа мигови на вистинска релација остварена преку индивидуални или институционални форми на поврзување што ги доближуваа уметниците на двете земји. Во историјата на музејот, секако, е значаен фактот на заемни контакти, најпрво преку донацијата на уметнички дела од повеќе грчки уметници, по кои следуваа самостојни и групни изложби организирани во последните пет децении во Атина, Солун и во Скопје. Изложбата на грчката колекција во Музејот на современата уметност од една страна го илустрира овој парадокс, а од друга страна го истакнува уште еднаш неограничениот потенцијал на уметноста да гради културни мостови – велат од МСУ.
Еден дел од донациите потекнува уште од 1965 година, односно од периодот на формирањето на Музејот на современата уметност, како на пример графичките отпечатоци на Васо Катракис и сликата на Емануел Пиладакис, додека главнината од грчката колекција се формира во 1970-тите години, со масовниот одзив на поголемиот дел уметници претставени на оваа изложба. Во таа деценија клучна улога одиграа донацијата и влијанието на Јанис Гаитис, големиот пријател на Музејот на современата уметност и еден од најзначајните уметници во повоената уметност во Грција. Освен неговата донација, која се состои од пет графики, еден објект и една објект-слика, Гаитис имаше значајна улога во поттикнувањето на грчките уметници да донираат дела на градот, кој беше разурнат од земјотресот во 1963 година.
Подарените дела ги рефлектираат доминантните трендови на тоа време, во кои една од главните линии води од геометриската апстракција (како на пример кај уметниците околу групата „Процеси-системи“) до оп и поп-артот, комбинирани со уметничките форми од античката традиција. Идентификувањето со уметноста на античка Грција е присутно и во група дела што се базираат на спротивните дискурси на хиперреализмот или на апстрактните појави.
Во моментов во колекцијата на Музејот на современата уметност се наоѓаат 47 уметнички дела од 34 грчки уметници: Танасис Акривополос, Беба Ангелину, Кате Антипа, Ахилеас Апергис, Коула Бекари Јанис Гаитис и др.