Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој улогите ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски
Во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес премиерно е изведена претставата „Сестрите Прозорови“, работена според „Три сестри“ од Чехов, документаристички материјали и авторски текстови, во адаптација и драматургија на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев.
„Сестрите Прозорови“ е прва премиера на Велешкиот театар за сезоната 2020, која театарот ја реализира од сопствени средства. Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој улогите ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Костимограф на претставата е Раде Василев, а автор на плакатот и рекламниот материјал е Филип Коруновски.
– Ништо во оваа претстава не реферира на пиесата на Антон Чехов „Три сестри“, на која упатува насловот, освен најголемиот дел од текстот за изведбата. Во оваа претстава, трите Чехови сестри, Олга, Маша и Ирина Прозорови, не се драмски ликови. Трагични се. Исчашени се од зглобот, од нивната природна драмска зададеност и создадени се нови ликови што и натаму го имаат драмскиот квалитет на Чехов – само се обоени со трагична гама и се поставени во нов, фрагментиран систем од односи, чија целина е постигната преку документаристичка рамка. Нивната безнадежност, која гласно нѐ засега, доведена е до екстрем, засегнувајќи го личниот опстанок. За ваквиот опстанок, опстанок среде безнадежност, е создадена оваа претстава – велат авторите на претставата.
Претставата трае 65 минути и не е за лица под 14 години, а заради трепкачки ефекти во светлосниот дизајн и не се препорачува за лица што страдаат од епилепсија. Првата реприза на претставата е на репертоарот на театарот на 30 јануари, во 20 часот.