Ликовни уметници од Германија, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Грција и од Македонија ќе бидат дел од 17-тото издание на меѓународната колонија „Де Ниро“, која што ќе се одржи од 20 до 27 август во Културниот центар на меѓународната колонија „Де Ниро“ во село Цапари, како и на различни локации низ Битола.
– За мене како организатор е големо задоволство и истовремено огромна одговорност да се одржи оваа традиција која трае, еве веќе 17 години. Континуитетот на колонијата успеваме да го задржиме, иако веќе втора година по ред сме сред здравствена криза предизвикана од вирусот ковид-19. Оваа година придружната програма на колонијата започнува со меморијалната изложба на ликовни дела од Миливоје Новаковиќ – Кањош, врвен ликовен уметник и прв уметнички директор и еден од двигателите од самите почетоци на меѓународната ликовна колонија „Де Ниро”, кој за жал во 2020-та го напушти земскиот свет, но преку неговите извонредни дела ќе биде дел од колонијата и тие ќе говорат за него – изјави Драги Филевски, организатор на колонијата.
Оваа година, во рамките на колонијата, ликовниот уметник Мирослав Масин, инаку голем пријател на колонијата, ќе почне со работа на мозаик, кој ќе биде прво вакво уметничко дело во неговиот богат и разновиден опус. Мозаикот ќе биде на површина
од 100 метри квадратни и ќе биде поставен во рамките на Културниот центар во село Цапари.
Во текот на овие 17 години на колонијата учествувале околу 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и светот кои досега создале речиси 500 уметнички дела. Токму оваа година, од колонијата треба да произлезе јубилејното 500-то по ред уметничко дело.
– Оваа година особено ме радува збратимувањето на меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ со меѓународното графичко триенале Битола, реномирана манифестација со богата традиција и континуитет, основана во 1994 година во Битола, што ќе биде значајно за натамошниот раст и развој и на двете институции – изјави организаторката на колонијата Силвана Филевска.
Во рамките на богатата и разновидна програма ќе биде реализиран „Ден на уметноста“, во чест на неодамна починатиот директор на Народниот театар во Битола и поранешен министер за култура, Благоја Стефановски-Баге, еден од бардовите на македонската култура, на една посебно избрана локација – мало село Ротино. Потоа ќе биде претставена изложбата на Панде Петровски од циклусот „Хераклеа“, како и соло перформансот на Бранислав Николов, кој всушност е заеднички проект на ОХО продукција и меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“, и е најава на „Игнатиа фестивал“, посветен на античкиот пат Виа Игнација, кој идната година е предвидено да го има своето прво издание. Фестивалот во својата програма ќе вклучува музика, филм, театар, други изведувачки уметности, гастрономија…
Исто така дел од „оф програмата“ на 17-тата меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ ќе бидат и музичките перформанси на Зарина Првасевда, Јасна едн френдс, како и КУД „Илинден“ Битола, кои ќе изведат фрагмент од богатиот репертоар на градски игри.
Затворањето на овогодинешното издание на колонијата на 27 август ќе биде симболично и во духот на истрајноста и континутитетот на иницијативата, со отворање на изложбата „Азбука“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, посветена на великанот Блаже Конески.
– Изложбата ја нареков „Азбука“, со цел да ја разбудам јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено сега, кога секојдневно е оспоруван, но и во знак на поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашата современа азбука Блаже Конески, во годината кога се
дбележуваат 100 години од неговото раѓање. Изложбата „Азбука“ е циклус од 31 слика – посветена на секоја буква од нашата азбука која има своја приказна, свој свет – ни изјави Сергеј Андреевски. М.М.