Најдобриот филм на „Хоризонти“ во Венеција „Атлантида“, добитникот на Гранд
При од жирито во Шангај „Вдиши-издиши“ и македонскиот документарец
„Кеиф“ со проф. д-р Ристо Солунчев на 2-от ден од Филозофскиот филмски
фестивал

Вчеравечер, во Кинотеката на С. Македонија свечено беше отворен 11-тиот
Филозофски филмски фестивал. Неповолните временски услови не беа пречка да
се задржи љубопитноста кај вљубениците на филмот коишто во голем број
присуствуваа на првиот ден од Главната програма. Иако најавен за на отворено,
мини џез концертот на Yordan Kostov Quintet (Јордан Костов, Андреа Мирческа,
Филип Букршлиев, Дамјан Грујо и Драган Теодосиев) се одржа во фоајето на
Кинотеката и го најави стартот на првиот филмски фестивал во Македонија со
проекции на големото платно годинава.

Првиот фестивалски ден стартуваше со сегментот Ревијална програма: филм-
философија, односно со американскиот култен нем класик „ТОЛПАТА“ (THE
CROWD) на Кинг Видор (King Vidor) од 1928-та година. Поради неможноста да се
прикаже на отворено во летното кино „Мирно лето“, филмот имаше две
истовремени проекции во фоајето и кинотечната сала на Кинотеката.

Осврт кон мелодрамата „Толпата“, даде и специјалниот гостин на Фестивалот,
емеритус професор на Сорбона, Доминик Шато (Dominique Chateau). Во
филмската анализа по филмот, тој посочи дека делото на Видор ја поддржува
тезата дека за разбирање на индивидуалната психологија потребно е да се земе
предвид психологијата на масите, а особено тоа како поединецот може да се
загуби себеси и да ги потисне сопствените идеали, притоа заменувајќи ги со
идеалите на толпата.

Денеска, на вториот ден од Фестивалот публиката во Кинотеката на С. Македонија
ќе може да ужива во три филмски остварувања. Со првата проекција во 17 часот
започнува претставувањето на филмовите од Официјалната селекција на
долгометражни филмови. Публиката ќе има можност да го погледне добитникот
на Гран при од жирито на филмскиот фестивал во Шангај „Вдиши-издиши“
(Inhale-Exhale) на грузискиот режисер Дито Ѕинѕадзе (Dito Tsintsadze). Филмот
дава перспектива за предизвикот на живеењето во едно традиционално
општество каде што не секогаш е лесно да се биде различен и секој кој е поинаков
од другите може да се соочи со проблем или закана.

„Ирина, 43, се враќа дома од затвор за кривично дело коешто не го сторила.
Обединувањето со семејството не е онака како што го замислува. За да
започне нов живот и да се врати во општеството, Ирина треба прво да ја поврати довербата на најблиските. Таа се запишува на курс по јога и преку вежбите вдиши – издиши треба да се пронајде себеси. Но, кога алиенирана од своето семејство ќе пронајде утеха кај геј синот на една од нејзините пријателки од затворот, се чини дека и во една навидум добронамерна заедница, демнеат тивки опасности и недоразбирања“.

Веднаш по „Вдиши-издиши“ ќе биде прикажан и победникот во програмата
„Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал „Атлантида“ (Atlantis) на украинскиот режисер Валентин Васјанович (Valentin Vasyanovych). Дискретната постапокалиптична приказна го следи животот на Сергеј, поранешен војник, во една алтернативна историја на Украина кога се завршува една војна.

– Поствоената состојба во овој случај не носи радост и задоволство, бидејќи тоа што е останато е полошо и од самата војна, особено кога е во прашање малиот, обичен човек. Сергеј не успева да се прилагоди на новата стварност, но тој ја среќава Катја на една мисија посветена на ископувањето на воените трупови. Заедно, тие се обидуваат да се вратат во некој вид нормален живот во којшто, исто така, би им било допуштено да љубат“.

За крај на вториот фестивалски ден, како дел од ФФФ-Doc. е предвиден македонскиот документарен филм на режисерот Блаже Дулев „Кеиф“ (2019) и излагањето на проф. д-р Ристо Солунчев од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој воедно е и сценарист на „Кеиф“. Секогаш помеѓу филозофијата и музиката, неговата егзистенција е вибрирачка машина од флукс на музика што ја бара сопствената философска форма, и философија што тежнее да се укине во музиката. Од Чиста околина, преку Оркестарот „Пеце Атанасовски“ (со неколку проекти посветени токму на чалгијата), па се до хорархос на Македонскиот византиски хор „Хармосини“, тој е неразделно поврзан со обете, филозофијата и музиката, и токму од еден ваков аспект ќе му пристапи на своето авторско остварување.

Филмот ги следи историјата и почетоците на чалгијата од Цариград (Истанбул) до Македонија во текот на еден век. Ја следи историјата на старите македонски музички групи (тајфи), но, исто така, и турската класична музика, преку академски професори од Турција. Во филмот се користат стари архивски снимки од изведбите на бардовите на овој вид музика, и се следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и секако, нејзиното појавување во денешниот контекст, преку интервјуа со македонски музичари, но и светски познати уметници како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин итн.

По завршувањето на филмот и излагањето на проф. д-р Ристо Солунчев, публиката ќе може да стапи во отворен дијалог инспириран од филмот и излагањето, во Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката.