Микеланџело размислувал во категориите на вечноста. Моите скулптури траат една минута, изјавил меѓу друготo скулпторот, кој во широката поп-култура влезе и преку спот на „Ред хот чили пеперс“
Еден од најпознатите светски уметници, Ервин Вурм, од почетокот на јули изложува во „Лауба“ во Загреб. Во разговор со него, објавен во тамошниот „Јутарњи лист“, во чиј вовед стои и дека тешко можат загрепчани да се сетат кога современ уметник од негов калибар имал изложба во нивниот град, тој го потврдува и правилото дека колку уметникот е поголем, толку е и поедноставна личност. Пред да разговара за уметноста, Ервин Вурм посочил дека деновиве бил во својата викендичка во Грција, на 38 степени Целзиусови. Тој секоја година минува и до три месеци на островот Хидра, работи многу во текот на годината и тоа е неговото време за одмор. Речиси ништо во тој престој во Грција не може да го спречи. Во мало место е, вели, но тоа е уметничка оаза, таму летото го минуваат и други уметници, колекционери, кустоси. Хидра инаку е остров на кој не се возат автомобили, а од Атина е оддалечен два часа со брод.
Ервин Вурм е роден во Австрија пред 66 години и на крајот на јули ќе наполни 67. Последните три децении е цврсто позициониран на уметничката сцена. Често во неговиот пристап има многу хумор, попрецизно апсурд. Во уметноста ретко кој автор може да се докаже низ оваa форма, имено, како што во една пригода рекол и самиот Вурм, на почетокот постоел и ризик дека нема да го сфатат сериозно, но „не треба на светот секогаш да му се пристапува еднообразно“. Јас со хуморот понекогаш се користам за да ги „заведам“ луѓето, рекол тој. Можеби, значи, и малку ризикувал, но – успеал. Критиката е едногласна во позитивната оцена на неговата работа. Неговите дела се препознатливи, понекогаш и помалку вознемирувачки за одделни поединци. Toj ги става познатите предмети во необични ситуации.
На пример, од пена и стиропор изработува скулптури од предимензионирани, надуени автомобили, со кои укажува на претераноста на масовната потрошувачка, односно на чувството на испразнетост на поединците што сметаат дека можат да ги исполнат сѐ поголемите куќи и сѐ поголемите и побрзи автомобили. Обликува, потоа, претесни куќи, кои, пак, се симболи на тесноградост, клаустрофобија, која ја чувствувал во малата средина, во повоената Австрија каде што израснал. Меѓу интересните дела се и неговите „Дринкинг скалпчрс“, скулптури што би го повикувале посетителот на изложбите со нив да пие, а многумина посетители со овие скулптури и би се напиле. Во јавните простори поставува скулптури на целосно деформирани камиони, потпрени на фасада, а низ уметничките кругови при поставувањето на еден камион од оваа серија во Карлсруе проструи особено бизарна вест – локалниот полицаец на искривениот камион оставил казна за недозволено паркирање.
Макс Холин, сонародникот на Вурм, инаку раководител на музејот „Метрополитен“ во Њујорк, рекол дека овој уметник успеал „широк круг на луѓе да соочи со вистината, да ги натера да погледнат во какво и во кое општество навистина живеат, кои се проблемите на тоа општество“. Неговото творештво е во колекции низ дел од светот, од њујоршкиот музеј „Гугенхајм“, преку лондонскиот „Тејт“, до парискиот „Центар Помпиду“. А во широката поп-култура влезе и преку спотот „Can’t stop“ на бендот „Ред хот чили пеперс“. Членот на овој бенд, басистот Мајкл Питер Балзари, попознат како Флеј, рекол дека бил инспириран од циклусот „Скулптури од една минута“. Во спотот членовите на бендот се однесуваат како Вурмовите човечки скулптури.
Во јавноста Вурм всушност и е најпознат по делата од овој циклус, кој спонтано го започнал во 1997 година. Откако ги совладал основните техники на вајарството на Ликовната академија, размислувал за тоа што е денес скулптурата, како да ѝ се пристапи од нулта точка и потоа низ скулптурата да се дефинира духот на времето. Циклусот започнат во втората половина на деведесеттите години од минатиот век, трае до денес. Можел, вели, да направи илјадници дела на оваа тема, но направил стотина. Вели дека со делата тој „само“ го набљудува светот од различна перспектива, дeка ја интерпретира нашата реалност, реалноста што денес ја живееме, а која често знае да биде луда, интензивна. Во една претходна пригода, Вурм го цитирал Микеланџело и неговата желба скулптурите да траат вечно, односно тие да бидат тука за петстотини години. И во овој разговор го потврдува тоа.
– Да, Микеланџело размислувал во категoриите на вечноста. Тој зборувал за трајноста, но и за издржливоста на скулптурите, рекол дека неговите скулптури можат да се фрлат од планина, но и понатаму ќе останат цели. А овие мои скулптури се сосема спротивни, тие се еквивалент на нашето современо време во кое сѐ кратко трае, сѐ брзо се менува – рекол меѓу другото Ервин Вурм.