Српскиот писател Светислав Басара е годинашен добитник на „Прозарт“, наградата што интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Тој е авторот на романот „Фама за велосипедистите“, кој според многу ранг-листи на критиката се смета за еден од најдобрите српски романи на 20 век. Басара бил едногласно избран од Одборот за доделување на наградата: претседателот Ермис Лафазановски и членовите Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
– Прозното творештво на Басара е извонредно богато и разновидно: освен неговите култни романи, тој досега напишал книги со раскази, есеи и колумни, кои критиката одлично ги оценила. Блескавиот авторски почеток на Басара се најави уште со неговите први прозни дела – „Кинеското писмо“ и „Пекинг бај најт“, кои веднаш го издвоија како најубедлив претставник на постмодернизмот. По овие дела, Басара речиси без прекин создаваше романи што беа откритие и за српската и за балканската книжевност – се вели во одлуката.
Басара ќе ја прими наградата на затворањето на фестивалот на 29 мај. На тридневниот фестивал Басара од 27 до 29 мај ќе биде во друштво на авторите од Балканот: Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Ајфер Тунч од Турција, Јуриј Худолин од Словенија и Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина.