Вршителот на должноста директор на Драмскиот театар заминувањето од функцијата го најави во отворено писмо до медиумите
Сашо Тасевски, в.д. директор на Драмскиот театар вчера, во отворено писмо до медиумите, посочи дека заминува од функцијата што ја вршеше тринаесет месеци.
– Убави зборови имам и за луѓето во СДСМ што ми дадоа доверба да го водам Драмскиот театар, иако не бев нивни сопартиец. Луѓе по функции поголеми или помали, ама по човештина – џинови. Ми излегуваа во пресрет секогаш кога барав помош за театарот. Нема да ги именувам посебно. Знаат кои се. И тие знаат дека не ги разочарав. Како и да е, ми беше чест што бев директор изминативе тринаесет месеци и привилегија да имам такви соработници и таква публика – стои меѓу другото во писмото на в.д. директорот, познатиот актер Сашо Тасевски.
Тасевски е долгогодишен актер во ансамблот на истата театарска куќа. Во писмото, меѓу другото, тој замолува да не се шират лаги во обид да биде оцрнет за да се оправда наводната хајка за негова смена од функцијата.