Самостојната изложба „Интимно понирање“ со дела од циклусот „Баханалии“ на академскиот уметник Трајче Чатмов ќе биде отворена вечерва, во 19.30 часот, во Младинскиот културен центар,
– Во рецентните ликовни дела од својот креативен опус, авторот Трајче Чатмов го третира апстрактно-фигуративниот експресионизам како стилска определба и ликовен израз во кој е доминантна гестуалната акција и интензивниот, чист и звучен колорит. Од ликовно-технички аспект, структурата и композицијата во неговите слики е динамично, вешто и инстинктивно градена… Чатмов создава единствена колористичка, експресионистичка сензација и драма за набљудувачот, сугерирајќи му чувство како да го гледа светот низ стаклена призма низ која се прекршуваат сите бои на виножитото – вели Анита Бошкова Доковска за изложбата на Чатмов.
Според неа, сликите од оваа изложба претставуваат интимни медитации за животот и светот што нѐ опкружува, за егзистирањето во него и доживувањето/чувствувањето на истиот тој свет преку сите сетила.
– Насловите на делата („Раѓање“, „Расплакана“, „Изгорени од сонцето“, „Пир“, „Предадениот“…), ни служат како мапи за единствената наративна сторија на авторот, без оглед дали се тоа емотивни и психолошки состојби што тој ги доживува или споделување на своите перцепции за светот во и околу него. Тоа се чудесни, храбри и искрени слики исткаени од соништа, страст, дилеми, надеж и очекувања, слики што допираат до некои наши интимни микросветови – објаснува Бошкова Доковска.
Трајче Чатмов е роден 1971 г. во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорот Рубенс Корубин. Магистрира на истиот факултет под менторство на професорот Родољуб Анастасов. Имал повеќе самостојни изложби во Скопје, Велес, Белград, Неготино, а учествувал и на повеќе групни: Минхен (Германија), Варшава (Полска), Мурска Субота (Словенија), Крагуевац (Србија), Интернационалното графичко биенале во Канагава (Јапонија), Велико Трново (Бугарија), во Дубаи… Се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм, за што има добиено неколку награди во 1997/8 (најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“).