Македонскиот народ преку овие артефакти, во повеќевековната меморија во големата православна заедница на Балканот, се промовира како значаен чинител во културната традиција и во уметноста
По повод претстојните велигденски празници вечерва, во 20 часот, во Музејот на градот Скопје ќе биде отворена изложбата „Артефакти со христијанско симболично значење од 6 до крајот на 19 век“, чија авторка е Снешка Лакалиска, виша кустоска. Изложбата што се организира содржи сакрални експонати со христијански предзнак.
– Изложената збирка ја сочинуваат предмети од мал формат со висок уметнички квалитет од ранохристијанскиот, византискиот, поствизантискиот и преродбенскиот период, како и литургиска опрема временски одредени од 6 до крајот на 19 век. Предметите се грижливо собирани со археолошки ископувања на скопската тврдина Кале, на платото пред црквата „Св. Спас“, при конзервацијата на фрескоживописот во црквите и манастирите низ скопскиот регион, дополнета по пат на откуп и подароци – вели Лакалиска.
Ќе бидат изложени крстови, кандила, вериги од полиелеј, триптих, восочно стапало, накит и др., изработени во автентичен материјал во зависност од нивната религиозна функција и пораката што ја носеле на себе. Мноштво ситни предмети се носени и како накит, кои ја означувале приватната побожност и идентитет на личноста како одраз на верата и вкусот на времето.
– Македонскиот народ преку нив, во повеќевековната меморија во големата православна заедница на Балканот, се промовира како значаен чинител во културна традиција и уметност. Дел од уметничките предмети се настанати како производ на локални мајстори со византиска предлошка или како увоз од византиски работилници. Некои од нив се донесени од далечна Русија, а некои како поклонички сувенири од Светата Земја итн. Во нив е вкоренета библиската и иконографска клима на православната теологија изразена низ симболичен јазик. Артефактите на сакрална уметност во Музејот на градот Скопје по својот опсег и комплексност, покрај тоа што имаат значаен придонес во културното наследство на градот Скопје, наедно се и скапоцен дел од целокупното национално културно богатство на Република Македонија – вели авторката на изложбата Лакалиска.
За изложбата е изработен каталог со превод на англиски јазик. Изложбата и каталогот финансиски се поддржани од градот Скопје.