Саемот на книга оваа година го посетија 20.000 посетители кои максимално ги почитуваа сите протоколи за спречување на ширење на коронавирусот. На саемот оваа година се претставија македонските издавачки куќи, а во рамките на сите саемски денови беа организирани 32 промоции на нови изданија од страна на македонските издавачи. За време на саемот се доделија и наградите од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), како и наградите од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ).
– Им се заблагодаруваме на сите изложувачи и посетители за доследното почитување на мерките за безбедност во време на пандемија. На некој начин сите помогнаа во одличната и безбедна организација на настанот. Овој концепт на саеми, користејќи ги капацитетите на A1 арена С.Ц. Борис Трајковски – се покажа како успешен, со оглед на комплетната инфраструктура со која располага центарот. Истовремено најавуваме и организација на други настани и саеми, согласно сите протоколи на организација – изјави Сања Кондарко, Оперативен директор на Саем на книга.
Саемот е организиран од страна на „Глобал Медиа Груп“, и е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија како културна манифестација. „Глобал Медиа Груп“ e официјален застапник на TIF – Helexpo (Солунски саем) за Република Македонија.