Оскаровецот Роџер Дикинс, лауреат на златната „камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“, вчера во Битола одржа мастер-класа со гостите на фестивалот и со студентите, на која прво се осврна на своите почетоци. Роден е во гратчето Торквеј, Девон, Англија. Кога ги започнал студиите на академијата за уметност „Бет“ имал идеја да биде сликар, но под влијание на англискиот фотограф Роџер Мејн, кој имал своја класа, ѝ се посветил на фотографијата, која останува негова трајна љубов.
Како дете живеев во мало место во Англија, каде што немаше баш многу што да се прави, особено во зима, па, така, почнав многу да гледам филмови. Така го засакав филмот и потоа се запишав во уметничка школа, каде што одеа оние што не знаеја што сакаат да прават. Потоа се запишав во филмска школа, иако првата година не ме примија – раскажува Дикинс.
Првиот филм што го снимил бил документарец.
Кога снимаш документарци треба да го извежбаш окото да го види тоа што доаѓа следно, за разлика од играните филмови, каде што може да се прават проби и преснимувања. Затоа мислам дека документарците беа она што ме внесе во оваа работа – вели оскаровецот.
Позната е неговата љубов кон документарниот филм („Лов на фармер“, „Зимбабве“…), а токму овој филмски род го оформува неговиот сензибилитет како директор на фотографија. Потоа снима ТВ-филмови, а меѓу првите играни филмови му е „Друго време, друго место“ во 1983 година, со кој излегува на интернационална сцена, со прикажувањето на филмот во Кан.
Сакавме да го снимиме во црно-бела техника, но продуцентот не дозволи. Го снимивме во колор, а потоа во лабораторија снимките ги правевме црно-бели, но излезе некоја чудна црна и сребрена боја. Потоа дознав дека некој во Јапонија ја разрaботил оваа техника, го најдов, но не ми ја кажа тајната, умре заедно со неа – раскажува Дикинс.
Потоа се осврна на култниот „1984“, екранизацијата на истоимениот роман на Џорџ Орвел, кој целосно е снимен со камера без никакви ефекти.
Интересно е што некои сцени ги снимавме така што поставувавме стакло пред камерата, на кое уметници цртаа, за да се добијат визуелни ефекти, какви што во тоа време не се користеа. Сега е многу едноставно, стискаш копче и готово – вели Дикинс.
Тој ја истакна и важноста на соработката со актeрите. Смета дека секој кинематографер мора да им даде простор тие да си ја вршат својата работа.
Вториот период на Роџер Дикинс е американскиот, како позначаен во неговата кариера и од аспект на номинациите за „оскар“ и пробив во светската кинематографија. На прашањето зошто заминал во Америка, тој се пошегува: „Па, во Англија немаше многу работа“.
Со режисерот Френк Дарабонт во 1995 година ја добива првата номинација за „оскар“ за култниот „Бегство од Шошенк“. За филмот што доби неверојатен успех, Дикинс вели дека не му е баш омилен.
Очекував да биде пореалистичен, а излезе поетичен. Но никогаш не можете да снимите филм баш онаков каков што сакате. Сепак, сега кога го гледам, си мислам дека и не е толку лош – се шегува Дикинс.
На мастер-класата оскаровецот зборуваше и за неговите следни филмови, како „Фарго“, „О, брате каде си?“, филмовите на браќата Коен… Во Битола на отворањето беше прикажан и неговиот последен филм, „Истребувач 2049“, како продолжение на првиот прототип од 1982 или како негов римејк, создавајќи вистинска визуелна симфонија.
Неговото доаѓање на фестивалот „Браќа Манаки“ е голема чест, огромна радост и гордост, за организаторите, но и за публиката, која со внимание го следеше јавниот разговор со него.