Уметникот Кристијан Јованоски, со тематската изложба „Ротации“, се претставува пред прилепчани во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“. На Јованоски ова му е прва самостојна изложба и вели дека е проект што поврзува неколку дела од 2018, 2019 и од 2020 година.
– Се работи за инсталација составена од слики, цртежи, и објекти. Цртежот е основата по која почнав да ги гледам, проучувам и осознавам деталите во светот што го живееме, кои за мене се релевантни во креирањето, а со тоа и живеењето. Реалноста со својата динамичност, која се манифестира преку верига промени на настани, е афирмацијата што го предизвика ова набљудување на едно константно патување – вели уметникот.
Според него, идејата за патот е една од основните причини на неговите дејствувања што се пласираат во различен облик но со иста цел, а тоа е потрагата по решение или одговор.
– Мобилноста на физичкото и потребата да отидеме на поубаво место се акт на идејата за трансформација на мигот што е непрепознатлив поради сопственото дистанцирање. „Ротации“ е проширен процес на набљудување, а наедно и заобиколување на сопствените дејствувања, вонвременско и присуство од перспектива на набљудувач. Преку оваа инсталација се обидувам да прикажам проекција на одредени сегменти од едно сведочење, да ги отворам новите облици на толкување на нашиот интуитивен елемент, на свесноста за каузалноста што ја минуваме во временското, минливото – објаснува тој.
Кристијан Јованоски има дипломирано на ФЛУ, на Одделот сликарство со графички дизајн во класата на Жанета Вангели. Од 2020 година е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, а досега бил дел од групни изложби и перформанси.