Романот „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ од британската авторка Емили Бар е објавен на македонски јазик во издание на „Бата прес“. Романот од англиски го преведе Ацо Пероски, а неговото објавување е поддржано од Европската унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „Креативна Европа“. Уредник на изданието е Ненад Баткоски.
Станува збор за бестселер за млади, психолошки трилер, кој набрзо по објавувањето ја освои читателската публика во Велика Британија, другите европски земји, американскиот континент и Австралија.
Флора Бенкс има седумнаесет години и има редок вид на амнезија. Сè што ѝ се случува, многу брзо го заборава. Постојано се обидува да се сети на минатото. Живее сега и тука. Но, една вечер ќе го бакне Дрејк и ќе се промени сè. Се сеќава на тој бакнеж. Тоа е првото сеќавање што успеа да го зачува од својата десетта година. Но, Дрејк заминува на Северниот Пол, а Флора тргнува да го пронајде. Ќе ѝ помогне ли тој да си ја врати меморијата? Ќе успее ли љубовта да ја победи амнезијата?
Во книгата е раскажана несекојдневна љубовна и животна приказна. Приказна која мотивира на упорна борба, а возбудливиот начин на кој е напишана, не го остава читателот ниту за миг.
„Возбудлива, непредвидлива, уникатна, трогателна, охрабрувачка книга што нема да ја заборавите никогаш!“, го најави првото издание на книгата издавачот „Пингвин букс“ од Лондон.
„Приказна што создава лесна атмосфера, книга што брзо се чита и во која е спакуван силен емотивен набој“, пишува „Гардијан“.
„Можеби состојбата на Флора е уникатна, но нејзината желба за слобода, младите треба гласно да ги насочува по нивните патеки на созревањето“, бележи „Паблишер викли“.
Авторката на делото, Емили Бар, работела како новинарка за престижниот весник „Гардијан“ во Лондон, но отсекогаш копнеела да пишува книги. Досега има објавено 12 романи, за кои има добиено голем број книжевни награди и признанија. „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ (2017) е нејзиниот прв роман за млади. Со сопругот и со децата живее и твори во Корнвол.