По повод 75-годишнината од формирањето, Филхармонија в четврток ќе одржи симфониски концерт симболично насловен „Среќен роденден“ на кој како солист ќе
настапи исклучителната кинеска пијанистка Зи Зи. Со оркестарот ќе диригира Борјан
Цанев, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар од Јоханес, „Фантазија корале“ од Томислав Зографски и варијациите „Среќен роденден“ од младиот македонски композитор Филип Иванов.
Имагинативна и возбудлива, кинеската пијанистка Зи Зи е една од најуникатните појави меѓу новата генерација пијанисти. Критичарите ја опишуваат како „полна со ентузијазам, гламур, младешка енергија“, а за нејзините изведувачки капацитети велат дека „може да ги пренесе слушателите во друга реалност“. Критичарите не ги штедат зборовите и за нејзината креативна зрелост, пишуваат дека таа во своите изведби е „моќна, страстна, полна со чист артизам“.
Зи Зи почнува на учи пијано на пет години во Германија. По враќањето во Кина, таа
станува една од најзначајните млади пијанистки и настапува во водечките кинески
оркестри. Своето музичко образование го комплетира на „Џулијард“ во Њујорк.
Добитичка е на бројни награди, меѓу кои и на главната награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во 2013 година.
Борјан Цанев е еден од најактивните и најпродуктивни македонски диригенти. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Р.Бугарија. Во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, В.Британија. Посетува мајсторски курсeви и пракса кај диригентите Сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а подоцна му асистира на Сер Колин Дејвис во Моцартовата опера „Дон Џовани“ во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Ман“ за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на Сер Колин Дејвис.
Во изминативе 75 години Филхармонија континуирано расте и се развива, а денеска со
својата звучност и капацитет е еден од водечките во регионот. Оркестарот во изминативе повеќе од седум децении активно музицира, изведувајќи комплексни дела, со врвни солисти и диригенти кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена.
Филхармонија е единствена институција во земјава која го афирмирира и изведува
симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти, Филхармонија ја етаблира и промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на разнородна публика од различни генерации. Со различни програмски концепти – од строго класични, до оние наменети за најмладите, како и масовно посетените концерти кои традиционално се одржуваат во Градскиот парк, Филхармонија успеа да таргетира широк аудиториум кој редовно ги следи сите содржини.
Токму преку разнородниот програмски концепт кој главно ротира околу класиката, со
повремени концертни содржини кои изгледуваат надвор од строгите рамки на т.н.
„железен репертоар“, Филхармонија во последниве години успеа да регрутира нова,
помлада публика.