Ретроспективна изложба на Јован Шумковски насловена „Вода/Ѕид“, чиј куратор е Зоран Петровски, ќе биде отворена денеска во 12 часот во Музејот на современата уметност. Ретроспективната изложба го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија речиси четиридецениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме.
Сликар по вокација, Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик што опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата… Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти.
Изложбата „Вода/Ѕид“, поставена во две галерии на Музејот на современата уметност, ја опфаќа токму таа развојна нишка во креирањето на идеите и темите во творештвото на оваа маркантна личност во современата уметност во Македонија. Осмислена од самиот Шумковски, концепцијата на поставката, меѓутоа, не е претставена како линеарна хронологија на тој развој, туку е повеќе еден вид наративна монтажа на повеќе, привидно хетерогени и комплексни тематски планови, но поврзани истовремено по линија на развој на формите или на содржините.
Насловот на изложбата е преземен од едно од делата на уметникот како метафоричен сублимат на темите и содржините присутни во творештвото на Јован Шумковски.