До октомври годинава целосно ентериерно ќе биде завршен Албанскиот театар-Скопје кој почна да се реконструира во 2014 година. Градежните работи се готови, а дотогаш останува да се доуреди електричната инсталација и да се монтира сценската и аудиовизуелна технологија.
Тоа денеска од надзорот од Градежниот институт Македонија му го соопштија на министерот за култура Асаф Адеми, кој по повод привршувањето на работите беше во обиколка на објектот.
Проектант е Мегарон-Инженеринг ДОО Скопје, а изведувач во првата година беше Ламоне Мореда од Италија, а од 2015 – италијанската фирма Шенција. Според договорите од проектната документација за изминатите четири години, реконструкцијата на стариот и негова адаптација во нов објект изнесува 9,1 милиони евра, нешто повеќе од еден милион евра колку што првично беа планирани.
– Зборував и со изведувачот, а задоволство ми е што и од надзорот на градежните активности слушнав дека во октомври објектот ќе биде ставен во функција, изјави министерот Адеми по посетата на објектот.
На прашањето дали ќе има ревизија на документацијата за пролонгираната реконструкција, посочи дека засега тоа не е преземено, но ако надлежните во Министерството увидат дека има потреба, ќе побараат ревизија, како што рече, или од Државниот завод за ревизија или од независно тело.
Директорот на Албанскиот театар-Скопје Адем Карага изјави дека завршува нивната долга одисеја и е задоволен што ќе се вратат дома.
– Ме радува фактот што се прават завршните фази. Се работи напорно и ние набргу ќе бидеме дома. Нашиот номадски театарски живот не беше лесен, но се надевам дека набргу ќе заврши, додаде Карага.
Објектот кој беше познат како Театар на народностите почна да се реконструира пред четири и пол години, по четири децении постоење на старата зграда. Дотогаш, почетокот на 2014-та, под ист покрив таму заедно работеа ансамблите на Албанскиот и на Турскиот театар.
По реконструкцијата овој објект ќе биде дом само на Албанскиот театар-Скопје, кој има 82 вработени од кои 35 актери. Турскиот театар-Скопје, пак, ќе добие свој матичен театар за што, исто така, се гради објект во близина на Железничката станица.
Од почетокот на реконструкцијата, двата ансамбла своите претстави ги изведуваат во Театар Комедија.