Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, во
соработка со софтверската компанија „Г6 Солушнс“ од Скопје, го изработија првиот
аудио-водич за археолошки локалитет во Македонија, кој е во употреба од вчера.
Во чекор со најсовремените пристапи за управување со посетители при посета
на археолошки локалитет, овој аудио-водич ќе му помогне на секој посетител да го
запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во
Македонија, на интерактивен и автентичен начин.
Археолошкиот локалитет Стоби е една од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, од сега, ќе може да се користи и
мобилната апликација „Стоби аудио гајд“, која е достапна за Андроид и ИОС оперативните системи, на македонски и англиски јазик. Апликацијата ги содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе можат да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап.
Автори на текстовите за водичот се дел од вработените во НУ Стоби: Димитар
Николовски, Мишко Тутковски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска. Превод на
англиски, Димитар Николовски, а лектура на англиски јазик, Керолин Снајвли.
Наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а на англиски, Димитар Николовски.