Пред голем број пријатели, колеги и почитувачи на убавиот збор денеска напладне в градската кафеана „Пелистер“, во рамките на манифестацијата „Скопско лето“ беше промовирана најновата книга на Љубомир Грбевски „Лет со умот кон папокот на универзумот“, бајки несолени за мали и за големи, која содржи три драмски новобајковни текста за деца и за тинејџери. Станува збор за пародирани и деконструирани класични бајки и одново конструирани и стокмени на современ начин.
Промотор на книгата беше писателот Стево Симски, кој меѓу другото потенцираше дека ова е дело за деца и оние што така се чувствуваат, а плени со интересните ликови, кои се мозаик на фантастични крактери, но и на луѓе од народот, со хумрот и вердината, без злонамерност, а римуваните дијалози се тука книгата да е подопадлива и почитлива за најмалдите.
– Грбевски е автор кој пронаоѓа и избира нови зборови и на тој начин создава еден нов јазик, неговите пиеси имаат богата и интересна лексика, преземена од жаргонот на младите денес – посочи Симски.
Авторот Грбевски откри дека се потрудил и во ова свое дело да биде автентичен за да ги заинтригира децата, а нивниот жаргон го научуил најпрво слушајќи го својот син Михајло, а сега и внукот Марко, кому му ја посвети „Лет со умот кон папокот на универзумот“.
По неговата претходна книга „Бајки тралалајки – за урбани клинци и напредни мајки“, која содржи шест драмски текста, оваа книга елогично продолжение на истиот волшебен свет на принцезите, витезите, кралевите и кралиците, џиновите, змејовите, џуџињата, маѓосниците и други чудни и надреални суштества во едно анахроно опкружување на новите технолошки „чудесии“ – мобилни телефони, таблети и сл.
– Детето што се буди низ сценските бајки на Грбевски е едно радосно и игриво дете, а авторот којшто ги забележува неговите изблици, искази, приказни и реплики е еден сериозен и одговорен драмски автор. На таков еден авторски, топол, а воедно и радосен, но исклучително одговрен начин, Љубомир Грбевски ги испишува своите три нови сценски посвети. Неговите приказни се сложени, делумно почиваат на класични бајковни ликови и наративи, како и на комични драмски заплети – пишува писателот Томислав Османли во рецензијата за ова дело.
Книгата содржи три драмски новобајковни текста за деца и за тинејџери „Лет со умот кон папокот на универзумот“ (пиеса што ѝ го позајмува името на целата книга), „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“ (една бајковидна басна).
Инаку, оваа е четврта книга на Љубомир Грбевски. Тој претходно ги објави „Стихови празни и рими безобразни“ (1991), „(Хоро)скопски шеми“ (2009) и „Бајки тралалајки – за урбани клинци и напредни мајки“ (2016).
Музичката поддршка беше пријателот и соработник на Џери, Јаков Дренковски, а делови од пиесите слушнавме од актерите Елизабета Клинчаревска Младеновска-Ели и Кирил Трајковски-Максим.
Издавач на книгата е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
М.Т.