По повод Меѓународниот ден на музеите, 18 мај, влезот во Музејот на Македонија утре ќе биде бесплатен. Во таа пригода, на посетителите ќе им биде подарена по една публикација. По истиот повод, заедно со илјадници музејски институции низ целиот свет, Музејот на Македонија и годинава ќе учествува во манифестацијата „Ноќ на музеите“. Овој значаен настан посветен на движното културно наследство ќе се одржи на 19 мај.
Во таа пригода, во 21 часот ќе биде одржан концерт на групата „Некст ту сајленс“. Музејот ќе биде отворен во ноќните часови, од 19 до 1 часот по полноќ. Влезот ќе биде бесплатен, а посетителите ќе имаат можност, покрај постојаните музејски поставки, да ја погледнат и изложбата на ликовни дела на Васко Ристовски „Македонска наивна уметност“.
По повод Меѓународниот ден на музеите во Скопје ќе се одржи и едукативна тура низ палатите на старо Скопје.
Турата ќе ја организира центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“ в недела, а насловот е „Палатите на старо Скопје“. Во рамките на оваа прошетка е вклучен едукативен дел за таканаречените палати на старо Скопје, кои се наоѓаат во самиот центар на градот и во нивната архитектура може да се забележат влијанијата на многу европски стилови, како што се експресионизмот, арт нуво, академизмот, традицијата и модерниот стил, а честопати се дополнети со елементи на византиска традиција, класика, ренесанса и барок.
– Во изминатата година „Хаемус“ изработи обемна научноистражувачка студија посветена на животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развивал во периодот помеѓу двете светски војни. Дел од оваа студија е посветен и на таканаречените палати на старо Скопје, кои го преживеале земјотресот од 1963 г., а денес некои од нив се заштитени со закон и прогласени за културно наследство на Република Македонија. Со оваа тура сакаме искуството што го акумулиравме работејќи на овој проект да го споделиме со граѓаните и на тој начин нашите сознанија за старо Скопје да ги дисеминираме со заедницата – вели Василка Димитровска, директорка на „Хаемус“.
Целта на оваа тура низ центарот на Скопје е промоција и популаризација на богатото архитектонско наследство, кое несомнено оставило трага во архитектурата и уметноста на главниот град.
Едукативната тура низ „Палатите на старо Скопје“ се реализира по повод „Меѓународниот ден на музеите 2018“.