Завршија истражувањата на локалитетот Велушка Тумба
Деновиве завршија археолошките истражувања на локалитетот Велушка Тумба кај Породин, кои се реализираа во соработка меѓу Заводот и музеј – Битола и Центарот за истражување на предисторијата, а во нив учествуваат и Универзитетот во Базел и институтот „Биосенс“, кои изведуваат археоботанички и геоархеолошки анализи.
– Во текот на истражувањата се добија повеќе податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и обредите на заедницата, која ја основала оваа неолитска населба и континуирано живеела на неа во текот на неколку стотици години во почетокот на 6 милениум пр. н.е, односно пред 8.000 години.
Притоа, врз старите куќи се граделе нови со што се формирала тумба висока околу 4 метри. Во овие архитектонски слоеви се регистрирани остатоци од десетина објекти градени еден врз друг, додека во текот на истражувањата се работеше на четири градби. Притоа се открија подови и ѕидови од живеалишта, како и глинени структури и мноштво мелници за обработка на житото што се одгледувало во нивите крај тумбата – велат истражувачите.
Во покуќнината се откриени керамички садови користени за готвење и за консумирање на храната, а голем дел од нив се декорирани со бели орнаменти и имале репрезентативен, односно церемонијален карактер.
– При истражувањата се пронајдени и остатоци од жртвеници, модели на куќи и фигурини што говори за симболичките претстави на првите земјоделци во Пелагонија, додека камените и коскените алатки укажуваат на дел од стопанските активности на ова неолитско население – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
Покрај стандардните археолошки ископувања, прибирани се и примероци за радиокарбон, археоботанички и геоархеолошки анализи, што ќе овозможи прецизно датирање на локалитетот во сите негови фази, а наедно ќе даде и темелен увид во исхраната, домашните активности, климата и природните обележја, карактеристични за оваа населба и нејзината околина.
Во моментот се подготвуваат неколку труда со резултати од истражувањата што ќе бидат публикувани во македонски и во европски списанија и на тој начин ќе му се даде поширока светска афирмација на овој значаен неолитски локалитет. Истражувањата на Велушка Тумба се финансиски поддржани од македонското министерство за култура.