Книгата „Улиците што ги нема“ од Оливера Ќорвезироска, вечерва, во 20 часот, ќе биде промовирана во „Кино култура“. За книгата ќе зборуваат промоторите Влада Урошевиќ и Владимир Мартиновски, извадоци од книгата ќе чита актерката Симона Димковска, а настанот визуелно ќе биде збогатен со фотографиите на Зоран Ричлиев. Се работи за 158 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“.
– Во расказите од оваа мудро замислена и мајсторски реализирана книга на Оливера Ќорвезироска луѓето живеат во улиците чиишто некогашни имиња ги одвеал наумничавиот ветар на историјата. Градот во кој тие улици некогаш постоеле е Скопје, бездруго е Скопје, и улиците бездруго некогаш ги носеле имињата што ги спомнува Ќорвезироска. Сѐ е конкретно, мошне проверливо и цврсто закотвено во реалноста – вели Влада Урошевиќ во рецензијата за книгата.
Оливера Ќорвезироска е застапена во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик. Таа е повеќекратна добитничка на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.