Вечерва во 20 часот во „Јавна соба“ ќе се одржи промоција на книгата „Тринаесет осврти за книжевни и слични дела“ од Елизабета Баковска, во издание на „Блесок“. За книгата, која содржи текстови напишани во периодот од 2005 до 2016 година, ќе говори Оливера Ќорвезироска, а извадоци ќе чита Тихомир Јанчовски.
Елизабета Баковска дипломирала и магистрирала на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, докторирала на тема од областа родови студии на институтот „Евро-Балкан“. Главна уредничка е на електронското списание за култура и литература „Блесок“.
Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. На македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ, Давид Албахари. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик. Досега ги објавила книгите: „Житие на нашата љубов“, поезија, „Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта“, раскази, „Состојби на духот и телото по триесеттата“, поезија, „На пат кон Дамаск“, роман и др.