Промоција на книгата „Стан што се распаѓа“ од авторката Биљана Стојановска ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во клубот и ресторан МКЦ, во организација на здружението „Галикул“. Промотор е Јане Чаловски, стихови ќе читаат: Ѓоко Здравески, Ана Голејшка Џикова, Владимир Мартиновски и Николина Андова Шопова, а настанот ќе биде збогатен со музика од Свинг Вокерс.
Биљана Стојановска е третиот добитник на наградата „Тодор Чаловски“, која „Галикул“ му ја доделува на млад автор од Македонија во областа на поезијата, книжевната критика, есеистика и проза. Наградата е востановена во сеќавање на истакнатиот македонски поет, литературен критичар, преведувач и есеист Тодор Чаловски (1945-2015) и таа резултира со издавање на нејзината втора книга „Стан што се распаѓа“.