Промоцијата на „На враќање“, новиот роман на писателката Фросина Пармаковска, ќе се одржи денеска со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар.
Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-Или“.
Романот ќе го претстават Октај Ахмед и Душко Крстевски.
– Пишувањето роман бара трпение и посветеност, а пишувањето добар роман бара и талент за привлечно и деликатно раскажување на приказната. Нема сомнение дека Фросина го има и едното и другото во овој нов, возбудлив спој на конкретното и универзалното, на судбинското и рационалното, на патувањето и враќањето во домот – пишува за романот Елизабета Баковска.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 година. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии.
Авторка е на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“ и „Одбројување“ (роман на годината за 2017 година).